„Чудни некои лајна“
По завршувањето на инаугуралниот говор на новиот американски претседател Трамп, новинар го прашува поранешниот претседател Буш за мислење.
„Чудни некои лајна“, коментира тој. Едно од тие чудни и опасни нешта е делот од говорот во кој Трамп зборува за Панамскиот канал.
Изграден од Американците во годините помеѓу 1904 и 1914, каналот е вратен на Панама од страна на претседателот Картер во 1999, за сума од еден долар. И сега, новоизбраниот претседател со својата „трансакциска “ политика смета дека зделката била лоша за Америка. Не разбирајќи ја симболиката на овој гест на Џими Картер, со кој најстарата демократска република во светот се ослободува од своето „колонијално“ наследство, Трамп си ја бара колонијата назад.
Моментот во кој Америка го прави ова не можеше да биде полош а потегот понепромислен. Тоа само кажува дека на претседателот кој сега е опкружен од „климоглавци“ никој не смее да му каже ништо поинаку од она што мисли тој. Оти секој малку поинтелигентен советнок би го посоветувал да не го прави тоа.
И колку да излегоа на виделина грешките на Западот со идејата за ширењето на НАТО во Украина, постапката на претседателот Путин, насилно да одземе територија на друга суверена држава е осудена од светското јавно мислење. Среде такво расположение, Трамп порачува дека и тој насилно ќе го земе Панамскиот канал. Обелодени дека ќе го поништи договорот и порачува „Ќе си го земеме назад“.
Почнува ли ерата на грабање територии? Се слушна и едно слабо ехо од неговиот говор на Балканот каде некој бугарски политичар порача дека ќе ја земе Македонија. За разлика од Панама која трепери, барем Данска здивна: Трамп не го спомна Гренланд во говорот. Сега Данска се надева дека кога ќе дојде време, повеќето од 56,000 Гренланѓани ќе се определат на референдум за нежната управа на Копенхаген а не за силната и алчна рака на Трамп. Канада, пак, деновиве може да се потсети на зборовите на нејзиниот премиер од шеесеттите години, Лестер Пирсон, кој во одговор на прашањето како е да си сосед на таква моќна сила како Америка, рекол: Тоа е како да одиш на спиење секоја вечер со слон. Мораш секогаш да си на штрек кога се врти.
Како оди Америка, така ќе се движи светот, рекол некој многу одамна. Завртувањето во американската домашна и надворешна политика на десно, под водството на еден демагог и олигарх, ги крена на нозе големите и малите држави кои трескавично се обидуваат да ги одгатнат последиците од политиките на Доналд Трамп по сопствената безбедност и благосостојба. Во тој контекст, велат дека светлата во Центарот за стратегиски студии на МАНУ горат до доцна во ноќта; дека има силна раздвиженост низ коридорите на МНР и нивниот Центар за стратешки студии; дека мојата некогашна катедра за меѓунарондо право и меѓународна политика на Правниот факултет, именуван по средновековниот деспот Јустинијан, организира серија дебати меѓу истакнати домашни и странски експерти; дека на сите универзитети и институти во земјата завладеала „вонредна состојба“… Се шегувам и измислувам, се разбира.
Луѓето кои добиваат одличја и пари за да го прават сето наведено за доброто на народот и државата веќе одамна ги ставија овие институции во служба на лична промоција.За се друго, еве уште еден американски израз – they don’t give a shit.
Денко Малески