Чудовишни обвинувања за антисемитизам

Не праќајте ги Евреите во гасни комори по втор пат, ми порачува Виктор Мизрахи, истакнат член на еврејската заедница во Македонија. На листатана прозвани за антисемитизам, во неговото обраќање до Македонците и до македонските граѓани (!?),објавено во Плусинфо, се и премиерот, вицепремиерот, министерот за надворешни работи и уште еден претставник на академската зедница.Читам и не можам да си верувам на очите:„Не горете ја пепелта по втор пат. Не менувајте ја историјата за да постигнете ваши политички или материјални цели. Кој ќе ја заборави историјата нема да постои. А вашите политички цели нема да се исполнат. Македонскиот народ нема да го заборави ниту да го прости ова“.

Чудовишни обвинувања за антисемитизам. Дали вреди да се одговара на овој говор на омраза? Неволно почнувам да типкам по тастатурата на компјутерот. Веќе од поодамна, одрекувањето на Холокаустот е кривично дело во демократските држави. Но,  кривично дело е и лажното обвинување за антисемитизам. Кога би покренал таков судски процес, Виктор Мизрахи, без било какво сомневање, би одговарал за навреда на човек чие срце, како со шајка, е закован за трагедијата на Холокаустот. Зашто, она што Г-дин Мизрахи ќе го најде во моите текстови, книги, изјави во тек на целата моја кариера е дека антифашистичката борба е темелот на модерната македонска држава. Како што ни покажаа бесмислените лутања по антиката и средниот век, без делото на партизанската генерација, меѓу кои имаше и Евреи, наши семејни пријатели, тонеме  длабоко. На тој фундамент стоиме или паѓаме како нација, јазик и држава. Да ја менуваме таа историја значи да се откажеме од самите себеси.  Во таа смисла судбината, самиот наш  опстанок, е нераскинливо врзана и за сеќавањето за погромот направен врз македонските Евреи  од страна на Германија и Бугарија. Од таа вистина никогаш нема да отстапиме и заедно со прогресивна Бугарија ќе го добиеме заслуженото извинување за страшната судбина на нашите сограѓани. И тоа, убеден сум, ќе биде епилогот од разговорите со соседите во текот на преговорите за членство во ЕУ. Поинаку и не може да биде во демократска и антифашистичка Европа денес. Зашто, соочувањето со Холокаустот значи и учење на лекции од толеранција, почит кон другиот, разбирање, трпение, борба против демонизација, сознанието дека Холокаустот не почнала со гасни комори туку со зборови на омраза. Сето ова, низ дијалог, ќе го апсолвираат политичките претставници на македонскиот и бугарскиот народ, во не така далечната иднина.

Инаку, растен во семејсто на партизанка од Хрватска и партизан од Македонија, не само што добро сум ги научил лекциите од минатото, туку сум свесен и за современите форми на антисемитизам, национализам, ксенофобија и омраза. Всушност, тоа е основната причина што во изминативе триесет години независност, од времето кога почнаа војните во Југославија, сум бил многу пати незаслужено навредуван. Но, на оваа навреда за антисемитизам и нема рамна. Затоа, и сега, како и секогаш кога сум зборувал, пишувал и предавал на студентите  за Холокаустот, чувствувам понизност и болка пред најголемата трагедија во историјата на човештвото.

Денко Малески

Back to top button
Close