Чулев: Полицијата има право да ги повика на разговор сите за кои постојат индиции дека сториле кривично дело

Полициските службеници имаат право да ги повикаат на разговор сите лица за кои постојат индиции дека сториле кривично дело и тоа ниту е мој избор, а ниту моја одлука, уште повеќе доколку тие индиции се поткрепени со материјални докази, аудио или видео снимки, објави на својот фејсбук профил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Постапувањето, посочува тој, во согласност со законите и нивната неселективна примена се основните темели на моето работење во Министерството за внатрешни работи.

– Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев, вели Чулев, во реакцијата на изјавата на Зоран Заев.

Правда за граѓаните, посочува Чулев, мора да има и секој треба да одговара за криминалот кој го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата.

– Можеби во техничката влада правдата е поспора, но ги убедувам граѓаните дека после 15-ти јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата. Функционално Министерство за внатрешни работи кое безусловно и максимално посветено ќе се бори против организираниот криминал и корупцијата е едно од најважните прашања кои граѓаните очекуваат да се реши, но и услов за интеграција на државата во ЕУ и јас цврсто ќе застанам позади реализацијата на оваа заложба, нагласува Чулев.

Back to top button
Close