Чулев: Службената белешка за Ден Дончев полицијата ќе ја достави до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

 По разговорот со Ден Дончев, за снимката на која се појави и се гледа како тој става пари во ташна, полицијата веќе има  изготвена службена белешка, која во текот на денешниот ден ќе биде доставена до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, најави денеска по посетата на СВР-Штип, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев. Во однос на можноста други лица да бидат повикани, МВР ќе ја согледа таа можност и во наредните неколку денови ќе се донесе одлука.

-Засега освен господинот Ден Дончев како поранешен директор на ФЗОМ нема повикано, меѓутоа полициските службеници ги согледуваат потребите и размислуваат во таа насока, така што во наредниот период ќе се согледа потребата доколку постојат елементи врз основа на кои што треба да ги повикаат со покана, истите ќе пристапат кон реализација. Јас им укажав на колегите дека ја имаат мојата полна поддршка доколку сметаат без разлика на моментот дека се работи пред избори и без разлика дали лицето, кое што треба да биде повикано да даде дополнителни сознанија и информации поттекнува од една или од друга политичка опција и нивото кое што го имаат тие во општеството да постапат неселективно и да ги повикаат. Ја согледуваат потребата од тоа и најверојатно наредните денови ќе се пристапи доколку има потреба за тоа, вели Чулев.

Забележа дека не е само МВР единствената институција, која може да постапи по овие разговори што се објавуваат во јавноста. Според, Чулев  најповикана институција која што согласно Законот за кривична постапка ги води кривичните истраги е Јавното обвинителство.

-Меѓутоа, гледате дека ЈО не поставува и дури тоа јавно не повикува нас како МВР дури и Управата за финансиска полиција да постапиме, и ние врз основа на тој јавен повик и врз основа на професионалните согледувања на колегите постапивме, го повикавме на разговор Ден Дончев, вели Чулев.

Прашан дали го злоупотребил службеното возило и со него се појавил на средба со граѓани на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, Чулев негира дека бил на митинг на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на кој било друг митинг на политичка партија. Тој потенцираше дека бил на средба со граѓани кои го повикале, како министер за внатрешни работи.

-Јас сум исклучиво во функција на министер за внатрешни работи. Како министер за внатрешни работи согласно Уредба на Владата ми следува 24-часовно обезбедување. Јас и доколку сакам сам да отидам некаде Уредбата ми го забранува тоа. Јас после работно време имам право да отидам на средба со граѓани каде што ќе им укажам дека МВР ги презема сите активности за безбедно гласање без разлика на ризикот од пандемијата и да им укажам на сите оние работи коишто се однесуваат на изборни нерегуларности. Знаете дека со ДИК и со ОБСЕ промовиравме спот, видео и аудио материјал на којшто точно се укажува кои последици ќе ги сносат граѓаните доколку не ги почитуваат правилата коишто се пропишани со Изборниот законик. Моите работни посети со граѓаните се токму во таа насока. Исто така дел од тие работни посети се во смисла на согледување на проблемите коишто ги имаат граѓаните, рече Чулев.

Посочи на на пример во скопски Карпош каде имал посета на која граѓаните го искажале проблемот од уличните трки.

-Не знам тука, ме информираа дека ги нема, каде што се предизвикува голема бука и каде што се загрозува безбедноста на сообраќајот. Исто така во подрачјето на Шуто Оризари имав средба на која граѓаните ме информираа дека имаат одредени притисоци во смисла на гласањето па јас бев таму едноставно да ги охрабрам и да им укажам дека МВР ќе ги преземе сите работи да се санкционираат таквите извршители, рече Чулев.

Прашан за нападите од спротивината политичка партија, Чулев ги оцени дека се работи за многу непринципиелни напади.

-Јас сум професионалец пред се интересите на граѓаните ми се тука и нема какви било закани или хајки да ме поколебаат да постапувам неселективно и  да ги интензивирам активностите на МВР за спречување на изборни нерегуларности и за борба против организираниот криминал и корупцијата. Најголемите очекувања на граѓаните на Македонија без разлика на политичката определеност тоа е дека конечно оваа држава треба да почне да манифестира резултати за спречување на организираниот криминал и корупцијата без разлика на политичката определеност на луѓето коишто се инволвирани во тоа и заради тоа јас ќе ги преземам, ништо нема да ме поколеба во тоа, а граѓаните ќе бидат сведоци на мојата решителност, рече Чулев.

Back to top button
Close