Чулев: Во полициска станица повикани лица кои објавиле статус да се чкртне „Северна“ на гласачкото ливче

И други лица ќе бидат повикани на разговор за објавување статуси на социјалната мрежа „Фејсбук“, по примерот на директорот на Зоолошка градина, Ѓорги Галетановски, најави техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, објави Макфакс.

Според него, статусот на Галетановски имал недолична содржина, но прецизираше кои елементи за кое кривично дело ги содржи.

„На подрачјето на Скопје вчера од Единицата за економски компјутерски криминал при СВР Скопје, постапено е по објави на социјалните мрежи во кои имало недолична содржина, односно истите содржеле елементи на сторено кривично дело што се гони по службена должност. Од страна на полициските службеници извршен е разговор со лицето Ѓ.Г., кој бил сопственик на профилот. Согласно информациите кои ги имам од СВР Скопје, во текот на денешниот ден ќе бидат преземени дополнителни активности, односно и други лица ќе бидат повикани на разговор, а во насока на целосно расчистување на овој, но и на други случаи по што ќе следи соодветен поднесок до ОЈО Скопје“, рече Чулев.

Галетановски реобјави статус кој повеќемина го споделуваат на социјалните мрежи, а во него, на комичен начин се повикуваат гласачите кои сакаат да гласаат за одредена партија да го чкртнат името „Северна“ на гласачкото ливче. Тој потоа се изјасни дека и во полициската станица кажал оти статусот бил шега.

Back to top button
Close