Чувајќи ја Франка: Работа околу нега и грижа за време на Корона

Добивањето нега не би требало да биде само луксуз за богатите и повремен комфорт за средната класа, туку пристапна до сите деца и родители. Истовремено, работниците на грижа и нега би требало да се ценети и, се разбира, добро платени.

Илустрација: Arsh Raziuddin

 

Кога ќе заврши Корона времето ќе имам голема забава. Ќе ги викнам сите мои другари – ми рече Франка кога прв пат се запознавме, девојчето што го чувам веќе 5 недели секој четврток.

Ќе ме викнеш и мене?

Умм, да.

Пред околу 6 недели мојата пријателка Тина ме праша дали би била заинтересирана да ја чувам нејзината ќерка Франка еднаш неделно, додека таа работи, за да може подобро да се концентрира на работните задачи. Тина работи со група на интернационални новинари и голем дел од работата може да ја врши од дома, но после повеќе од еден месец работење од дома, едноставно ѝ стана пренапорно да работи полно работно време и постојано да ја чува ќерка ѝ (освен кога Франка е кај татко ѝ).

Заради Ковид кризата Франка и сите деца од претшколска возраст што живеат во Германија не одат во градинка веќе 2 месеци. Кога прв пат ме запозна Франка, таа беше многу возбудена бидејќи наеднаш имаше можност да се дружи со некој друг освен нејзините родители и неколку другарчиња кои повремено доаѓаа кај неа дома. Очигледно на Франка ѝ фалеше дружење со други луѓе – како и впрочем на сите нас.

Чувајќи ја Франка ми е првото искуство со бејбиситинг и реално за сега е прилично добро и забавно. Франка има 4 години, така што е на таа интересна возраст кога почнува да го развива својот карактер. Заедно гледавме филмови, игравме криенка, решававме слагалици, цртавме итн. Скоро после секое чување имам приказни за Франка. На пример, после првиот пат кога ја чував, таа ми даде количка-играчка и фотографија од неа „за да не ја заборавам“. Последните три недели ја чувам Франка заедно со Лин, ќерка на една колешка на Тина, и Франка постојано пробува да докаже дека таа е „големо дете“, а Лин „мало дете“, иако Лин е само една година помала.

Сѐ ова е кул и имам уште еден куп приказни за Франка (и Лин). На некој начин нивните мајки ме плаќаат за да се дружам со нивните деца. Но, колку и да е некогаш забавно да поминувам време со нив, секој пат кога ќе завршам со 6 или 7 саати чување на Франка и Лин се осеќам прилично уморно. Зошто? Па, бидејќи како и многу други работи, чувањето на деца е токму тоа: работа. За жал, во опшетството во кое што живееме ваквата работа е или неплатена (пр. моите не ја плаќаа баба ми да ме чува кога бев мала) или лошо платена, додека многу (особено десничарски) политичари ни кажуваат дека децата се „нашето најголемо богатство“ и слични клишеа. (Да се потсетиме на легендарно мисогината кампања на ВМРО „Имај трето дете“ и емисијата „Време е за бебе“.) Многу често работата околу нега и грижа – на деца, стари луѓе, лица со посебни потреби инт. – е родово условена. Односно, најчесто работата околу нега ја работат жени. Има многу причини за овој феномен, како измислицатадека жените се „природно“ или „биолошки“ погрижливи или подобри со деца. Во интервју со Титхи Бхатачарија за нејзината книга Феминизам за 99% за The Dig, таа објаснува дека всушност има многу конкретна историска причина за ваквиот работен однос. За време на Индустриската Револуција сѐ повеќе и повеќе луѓе – вклучително и жени и деца – почнувале да работат долги саати во фабриките во Велика Британија. Овој работен однос комплетно ги сменил фамилијарните структури кои пред тоа постоеле. Поради оваа структура, многу од децата на работниците останале толку занемарени што дел од нив (и други членови на семејствата на работничката класа) дури и умирале поради недостаток на грижа. Ако децата на работниците умирале, тогаш капиталистичката класа би снемала работници. Со оваа криза во доцниот 19ти век почнува модерната родовата идеологија што ја класифицира домашната работа како „женска работа“.

Историјата на работата околу нега и грижа е комплексна и сѐ уште актуелна. На пример, воспитувач(к)ите во македонските градинки се платени 18.360 денари месечно, а неговател(к)ите 16.320. Ова не е ни просечна плата, а работата околу негата на деца што ја работат овие работнички е екстремно важна за функционирањето на едно општество. Јас всушност имав многу среќа со моето искуство со бејбиситинг. Тина е дел од grass-root иницијатива Kitakrise која се бори за отварање на повеќе градинки и подобрување на условите на работа на вработените воспитувач(к)и и неговател(к)и во Германија – земја со низок наталитет и недостаток на градинки како резултат на долгото владеење на конзервативативната партија CDU (Христијански Демократски Сојуз) со чело на Ангела Меркел. Така што, Тина мене многу добро ме плаќа бидејќи таа лично верува во важноста на работата околу нега и грижа, но сепак платата на една работничка не треба да зависи од добрата воља на индивидуални работодавци.

Исто така, очигледно во целата оваа ситуација има класен елемент. Тина има добра работа со која што може да живее релативно комфорен живот на жена од средната класа. Така што, Тина може да си дозволи еднаш неделно да ме плаќа за да ја чувам Франка, но сепак не може да си дозволи многу повеќе од тоа, особено за време на Корона. Сите родители би требало да имаат пристап до помош од типот на работа на грижа и таа помош е најпристапна до најголем број на луѓе кога е водена од страна на државата. Односно, кога градинките и школите се финансирани од државниот буџет. Но, што се случува кога градинките не се отворени? Што се случува кога не можеш да вработиш бебиситер(ка)? Како би требало да се справат родителите/старателите со мали деца за време на Корона кризата?

Активистката од Kitakrise (и добра пријателка на Тина) Катарина Март има еден предлог: паричен додаток за родители со мали деца за време на Корона и развивање на креативни концепти за грижа на деца. Катарина го дикутира овој предлог на програмата „Wir müssen reden“ (Ние мора да зборуваме) на телевизијата Rundfunk Berlin-Brandenburg со министерот за економија на Бранденбург Јорг Стајнбах. Катарина објаснува дека работи од дома за време на кризата, но дека нејзината работа е двократна бидејќи таа треба истовремено да се грижи за своето мало дете. Барањето на Катарина и Kitakrise е родителите кои живеат во Германија да добијат паричен додаток за време на кризата, бидејќи обично нивните деца би требало да имаат гарантирано место во градинка од страна на државата. Но, бидејќи сега не се отворени градинките, Катарина и други (вработени) родители бараат парична помош со која би можела да вработат бебиситер(к)и за нивните деца за тие да можат да продолжат со работа.

„Децата не се економски добра. Едно дете не e економски фактор за кој родителите би требало да се компензирани,“ ѝ вели министерот. „Исто така, јас би бил многу среќен ако за време на оваа криза родителите повторно добро си ги запознаат децата.“

Реакцијата на министерот не само што е бесчуствителна, туку докажува до кој степен работата на грижа не е сфатена како вистинска работа. Наместо тоа, родителите/старателите практично би требало да се благодарни на глобална пандемија без која не би можеле повторно да ги запознаат своите деца. Какви чудовишта од родители не би сакале буквално секој момент да го поминуваат со нивните мали деца? Нели е забавно кога децата бараат внимание за време на Zoom состанок?

Негата, грижата и воспитувањето на деца е сериозна работа која бара многу труд. Особено за време на глобална пандемија треба да има барем привремени мерки за грижа и нега кои би им помогнале на децата и родителите. Добивањето нега не би требало да биде само луксуз за богатите и повремен комфорт за средната класа, туку пристапна до сите деца. Истовремено, работниците на грижа и нега би требало да се ценети, и се разбира, добро платени. Веројатно би требало и критички да ги анализираме фамилијарните структури и како воспитувањето на деца би можело да се одвива на поколективен начин. Но, тоа е огромна дискуција и веројатно тема за иден напис.

Елена Гаговска

извор: Медуза

Back to top button
Close