Чувство на одговорност за среќата на цело семејство, претерана вклученост во семејните односи… Што е “синдром на најстара ќерка“?

Да си најстара ќерка значи често да се чувствуваш како да не правиш доволно, како да се мачиш да задржиш фасада на контрола, како целиот дом да зависи од твојата истрајност.

Барем така велат голем број постари ќерки на интернет. Нa различни социјални мрежи, тие го опишаа стресот што доаѓа од чувството дeка си одговорен за среќата на семејството, притисокот да успееш и впечатокот дека луѓето не се грижат за тебе колку што ти се грижиш за нив. Некои од жените сè уште се тинејџерки, други се возрасни и го имаат напуштено домот, а сепак сите се чувствуваат превклучени во семејството и преоптоварени. Или, како што еден вирален твит го објаснува овој феномен низ шега: „Дали си среќна или си првороденa ќерка?“. Луѓето исто така измислија термин за појавата: „синдром на најстара ќерка“.

Тој „синдром“ е поврзан со вистинит општествен феномен, како што тврди Јанг Ху – професор по глобална социологија на Ланкастер универзитетот во Англија. Во многу култури, најстарото дете и ќерките од сите возрасти се соочуваат со високи очекувања од семејството. Затоа, поверојатно е луѓето кои ги имаат двете улоги да земат огромен дел од домашните обврски и да имаат поголем стрес.

Но таквата негувателска склоност не е вградена карактеристика кај најстарите ќерки. Според истражувачите, таа всушност е наметнувана од членови на семејството, конкретно во општества кои сметаат дека најстарите ќерки мораат да се однесуваат на одреден начин. А напливот на жалби на социјалните мрежи покажува колку <span;>таквите шаблони за семејните улоги се <span;>фрустрирачко непроменливи.

Истражувањата покажуваат некои впечатливи разлики меѓу искуствата на првородените и второродените деца. Сузан МекХејл, професорка по семејни студии во пензија на Пен Стејт универзитетот, вели дека родителите обично се трудат „добро да ја завршат работата со првото дете“ што ги тера да се фиксираат на неговиот развој – оценките, здравјето и пријателите што ги одбира. Со следното дете обично се помалку анксиозни и не чувствуваат толкава потреба за микроменаџирање, а тоа ја намалува тензијата во динамиката дете-родител. Во просек, американските родители доживуваат помалку конфликти со нивното второродено дете. Но, МекХејл има откриено дека кога првороденото го напушта домот, неговиот однос со родителите се подобрува. Во такви ситуации, се менува насоката на рефлекторот од првото кон второто дете и поради тоа, се зголемува конфликтноста меѓу второто дете и родителот. Редоследот на раѓање исто така создава хиерархија: Постарите деца се често ставани во улоги на дадилки, идоли и советодавци за помалите.

„Да разјасниме, редоследот на раѓање сам по себе не влијае врз карактерот, но може да влијае врз начинот на кој ве доживува остатокот од семејството“, вели Брент Робертс, професор по психологија на универзитетот во Илиноис во Урбана- Шемпејн. На пример, најстарите деца не се нужно поодговорни од другите, туку тие добиваат повеќе обврски бидејќи се постари. Таа улога може да влијае врз вашето себевосприемање. Корина Такер, професорка во пензија на универзитетот во Њу Хемпшир која истражува односи помеѓу браќа/сестри вели дека родителите често ги споредуваат децата: „Ова е мојот атлет“, „Ова е мојот книгољубец“, „Овој ќе се грижи за мене кога ќе остарам“ – и децата ги интернализираат тие изјави. „Но вашата „зададена“ улога може да не се совпадне со вашите природни склоности“, вели Робертс. Луѓето можат и да се исфрустрираат поради однесувањата кои се очекуваат од нив и од нивните блиски. Кога Робертс ги прашувала своите студенти кои карактеристики ги поврзуваат со првородените, оние кои се првородени обично ги набројувале позитивните како „одговорен/на“ и „водач/ка“ додека оние кои не се првородени се фокусирале на негативните конотации како „наметлив/а“ и „командер/ка“.

Полот дополнително влијание врз семејната динамика. Жените обично се „одржувачки на роднинските врски“, а тоа значи дека извршуваат често невидлив труд како „одговорност за туѓата среќа, решавање конфликти и обрнување внимание на сите“, вели МекХејл. Освен таквата емотивна помош, нејзиното истражување покажува дека младите ќерки поминуваат повеќе време во домашни обврски од синовите. Дополнително, задачите кои се доделуваат на синовите, како чистење снег и косење трева, не се секојдневни, ниту пак итни.

„Ќеркосување“ е термин што Алисон Алфорд (професорка по комуникација на универзитетот Бејлор која истражува возрасни ќерки) го користи за да го опише семејниот труд што го вршат жени и девојки. Тоа може да изгледа како набавување лекови, планирање забава за пензионирање или собирање пари за иднината на родителот. Тоа исто така може да вклучи посуптилни нешта како прегризување јазик за да се избегне расправија или сослушување на проблемите на родителите. „Ќеркосувањето може да носи задоволство, а дури и радост. Но тоа исто така може да значи грижа за сестрата, братот и некогаш за родителот на начин којшто ги надминува границите и кој става преголем товар врз грбот на една личност, особено ако е млада“, вели Алфорд.

Постојат мал број истражувања за најстарите ќерки, но експертите велат дека најверојатно не е лесно човек да ги има двете улоги, земајќи ги предвид притисоците што се ставаат посебно врз постари деца, а посебно врз жени и девојки. Такер го објасни ова вака: „Се очекува жените да се негуватели. Се очекува првородените да се примерни. Да се обидуваш да си сè за секого веројатно ќе води до грижа на совест кога некои обврски неизбежно ќе останат недовршени“.

Секако, овие заклучоци не се однесуваат за сите семејства. Но така е вообичаено со најстарите ќерки: Иако несекоја е одговорна по природа или желна да ги заштити роднинските односи, нашето културолошко разбирање на семејните улоги на крајот ќе ги обликува очекувањата што ги имаме за ќерките. Луѓето кои на интернет го опишуваат „синдромот на најстара ќерка“ најверојатно се суштински различни меѓу себе, но споделувајќи си ги искуствата, тие можат да си го олеснат малку товарот. И идеалното можно сценарио според Алфорд би било семејствата да започнат да ја преговараат идејата за ќеркоствување, која треба да го содржи и она што најстарите ќерки го сакаат самите за себе.  (The Atlantic)

Превод: Филипа Сара Попова

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close