Цијанидот во Крива Река: Хаварија што може да ја отруе и храната, а државата сè уште молчи


По големото излевање од рудникот Тораница на 14 март, кое општина Крива Паланка го нарече „еколошка катастрофа“ а невладините организации го дочекаа со огромен револт, јавноста остана без одговор на едно суштинско прашање: дали храната и водата што секојдневно ја користиме се веќе во ризик?

Независните лабораториски анализи, обезбедени од општината, покажаа шокантни податоци, стотици пати зголемена концентрација на цијаниди, десеткратно зголемено присуство на олово и алармантни вредности на фосфор, азот и други штетни материи во водата на Крива Река.

Оваа река не постои изолирано – таа е дел од поширокиот воден систем кој ја храни Пчиња, делови од Вардар многу бунари, извори и системи за наводнување што го снабдуваат земјоделството низ целиот регион. Практично, сè што се наводнува од овие води, потенцијално е загадено. И тука доаѓа најзагрижувачкиот дел – државата молчи.

Од Министерството за животна средина нема официјална информација дали ќе се прават дополнителни испитувања во поширокиот слив. Нема јавно достапни извештаи. Нема најави за анализа на Пчиња или Вардар. Ниту збор за тоа што се прави за заштита на јавното здравје и дали некој кривично ќе одговара.

Инспекторатот за животна средина веднаш по инцидентот излезе со изјава дека се работи за „само вода од таложникот“, иако не изврши анализа. Такво тврдење, без основа, во вакви услови е не само несериозно – туку можеби и кривично. Прашањето е кој ќе одговара ако се потврди дека животот на луѓето е ставен во ризик?

Загадување од ваков обем е дело што бара истрага. Треба јасно да се утврдат последиците, степенот на загаденост и согласно тоа да се бара сериозна одговорност, веројатно и кривична. Сомнежите за судир на интереси не стивнуваат – со оглед на тоа што директорот на рудникот Тораница, Тони Тоневски, е поранешен градоначалник и кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, пратеник од истата партија, Емил Спасовски, јавно го нападна градоначалникот на Крива Паланка дека „шири паника“, иако токму градоначалникот беше првиот што побара итна анализа на водата.

Ако оваа ситуација не добие институционален одговор – не само со истрага туку и со итни мерки на терен ризикот по здравјето на граѓаните е огромен а довербата во храната од тој регион и безбедноста напроизводите ќе се срони. Времето тече, а државата нема луксуз да молчи. Колку подолго нема реакција, толку повеќе расте сомнежот – дека некој знаел, некој дозволил, а некој свесно прикривал.

Back to top button
Close