Циничен оптимизам

Од каде ли излезе сега рехабилитацијата на Срѓан Керим и Валентина Божиновска, па се појавија на списокот советници на министерот за надворешни работи Бујар Османи?

Многу ме интересира како во власта паднале на муабет, како воопшто им дошло на ум да им се јават баш на нив. Каков е тој механизам кој довел до тоа за само четири години тие пак да добијат некаква јавна функција, па макар била и советничка и неплатена.

Не ме чуди ако Керим и Божиновска ги потегнале своите механизми да се вратат во живот, како пред тоа ништо да не било. Ама, многу сум љубопитен колкава е моќта на тој механизам за тие да се најдат во Советот на министерот. Тоа значи дека и едните и другите си функционираат беспрекорно како испреплетени црева.

После оној говор во ноќта на ножевите, јас да сум на местото на Бујар ни муабет не би ѝ правел на Валентина Божиновска, а не пак уште да ја викам и советничка да ми биде.

Што си мисли Бујар? За кого беа наменети ножевите кои ги бараше советничката во декември 2016?

Туку, среќа барем овие четири години се создаде критичка јавност што не се плаши толку да зборува како што се плашеше во времето на долгите ножеви. Па не може туку-така и ова неформално владино тело да ни се продава како процес на помирување.

Оти, кога Владата зборува за помирување со осомничени за криминал и со хушкачи на насилство, тоа е исто како кога ЕУ брбори колку ѝ е значаен Западен Балкан.

Целата колумна на Горан Михајловски тука

Back to top button
Close