ЦИВИЛ Мониторинг: Топ 10 манипулации и дезинформации во светот во 2024
Во 2024 година, дезинформациите како составен дел од малигната пропаганда за манипулација на јавноста низ светот продолжија да се шират со несмален интензитет. Минатава година, на се уште неприкосновените руски лажни наративи и дезинформации како дел од пропагандната војна на Кремљ против Украина и демократскиот Запад, според интензитетот и жестокоста им се приближија дезинформациите од САД кои се однесуваа на претседателските изборите, со особено жестоки напади врз претседателската кандидатка на демократите, Камала Харис.
Не останаа поштедени ниту високите функционери на Евроската Унија, додека на редовните мети на руските пропагандисти, брачниот пар Зеленски, сега им се придружи и вдовицата на убиениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија.
Во продолжение ви нудиме хронолошкиот избор на дезинформативните наративи кои ги обработи Мониторинг тимот на ЦИВИЛ Медиа во текот на минатата година:
1, Само пет тела донесени во мртовечницата во Белгород по мистериозната авионска несреќа на рускиот Ил-76, некои украински заробеници кои наводно биле во авионот веќе биле разменети претходно
Неколку руски и украински извори забележале дека барем еден од наводните украински заробеници од списокот со 65 имиња кој го објави руската ТВ-новинарка Маргарита Симонјан, која се смета за жесток пропагандист на Путин, веќе бил разменет во претходна размена на заробеници на 3 јануари и се вратил во Украина.
2. Јулија Навални – мета на дезинформации по смртта на нејзиниот сопруг
Не постои ниту еден релевантен извор од кој произлегува дека Јулија Навални била обвинета за „нов љубовник“. Фотографијата на која се гледа Јулија Навални на плажа со некој маж, е од 2021 година. Со обратно пребарување, пронајдовме дека станува збор за Евгениј Чичваркин, руски милионер кој живее во егзил во Велика Британија, а фотографијата првпат е објавена на 17 август 2021 година на Инстаграм, значи пред смртта на Навални. Чичваркин е поддржувач на Навални и според „Тајм“ магазинот, тој од 2010 година му донирал повеќе од 100 илјади долари за да ја поддржи битката против Путин.
3. Руските пропагандисти шират лажни фотографии од пасоши на Украинци, наводно вмешани во терористичкиот напад во Москва
На 22 март се случи терористички напад во градското собрание Крокус во Красногорск, Московската област, при што според последните податоци загинаа 137 луѓе. Руската пропаганда го искористи за уште еднаш да ја оцрни Украина. Според лажните вести што ги шират на платформата на социјалните мрежи Х, осомничените за терористичкиот напад во Москва се идентификувани како украински државјани кои наводно биле ангажирани од државата користејќи пари од американските даночни обврзници.
4. Руската пропаганда шири лажни вести дека Зеленски купил кралската палата во Британија
Руските пропагандисти креирале веб-страна на лажен британски весник и користеле Јутуб канал во кои се тврди дека претседателот на Украина Володимир Зеленски наводно го купил замокот Хајгроув Хаус, порано во сопственост на кралот Чарлс III од Обединетото Кралство, за 20 милиони фунти. Ова е лажна вест. Во британските медиуми нема информации дека Зеленски купил имот.
По дезинформациите за украинскиот претседател Зеленски, на „тапет“ на пропагандистите од Кремљ се најде и неговата сопруга.
5. Руската пропаганда сo дип фејк видео шири лаги дека сопругата на Зеленски купила ексклузивен автомобил за 4,5 милиони евра
Проруските сметки на англиски и француски јазик на платформата за социјалните медиуми Х, како и на каналите на Телеграм, активно шират дезинформации во кои се тврди дека првата дама на Украина Олена Зеленска купила нов хиперавтомобил Bugatti Tourbillon за 4,5 милиони евра за време на нејзината посета на Франција. на почетокот на јуни 2024.
6. Неколку минути откако летаа куршуми кон Трамп, почнаа да летаат и дезинформации
Само неколку минути по пукањето, обидот за атентат на поранешниот претседател Доналд Трамп предизвика огромно море од коментари – некои чудни, други контрадикторни – како одраз на застрашувачката неизвесност во моментот, како и на трескавичната, поларизирана политичка клима во Америка. Спомнувањата на Трамп на социјалните мрежи пораснаа и до 17 пати повеќе од просечната дневна сума во часовите по пукањето
7. Лажните наративи за државјанството, расните инсинуации, мизогините и сексуални навреди за Камала Харис
Не долго откако претседателот Бајден се откажа од претседателската трка во 2024 година и ја поддржа потпретседателката Камала Харис, на социјалните мрежи повторно почнаа да се појавуваат лажни тврдења насочени кон неа. Лажни наративи за државјанството, мизогини и сексуални навреди, расни инсинуации за Харис го преплавија интернет во моментот кога стана најверојатен демократски кандидат и ја наговестија новата стратегија на Трамп.
8. Со фотомонтажа се шири лажна вест дека е уапсена претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен
Профил на мрежата Х, кој според објавите е поддржувач на претседателскиот кандидат на САД, Доналд Трамп, шири дезинформации што се споделува на социјалните мрежи дека претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен била уапсена во Европскиот парламент.
9. Руската пропаганда и дезинформации насочени кон изборите во САД кулминираат пред гласањето
Дезинформациите се дел од американскиот политички пејзаж веќе со години, но е чини дека во пресрет на изборите во 2024 година, тие уште повеќе се зголемуваат. Повеќекратните руски кампањи за дезинформации насочени кон изборите во САД ги зголемија нивните напори да сеат раздор околу изборниот процес и жешките домашни прашања, според ексклузивните наоди споделени од руска истражувачка група за дезинформации.
10. Руската пропаганда шири лажни тврдења дека Европскиот парламент ја обвинува Украина за злосторства врз сопствените деца
Руските медиуми, каналите на Телеграм и ботови на платформи како што се Х, Фејсбук и Јутјуб шират искривена наратив заснована на говор одржан во Европскиот парламент од поранешниот холандски европратеник Марсел де Граф, член на проруската партија Форум за демократија (ФвД), кој тврди дека украинските деца киднапирани од Русија се „бегалци“ кои настрадале од „украинското бомбардирање“. Овие тврдења се целосно лажни. Прво, изјавите на Де Граф го претставуваат неговото лично мислење и немаат фактичка поддршка , а неговата реторика се усогласува со заедничките руски пропагандни наративи, како што е наводната „победа“ на Русија над НАТО и Соединетите Држави во Украина – тврдења кои често се засилуваат од руската државна новинска агенција ТАСС.