ЦНА: Франција во Кипар испраќа фрегата, противракетни и анти-дрон системи

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис утрово бил информиран од францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција ќе испрати на Кипар противракетни системи, анти-дрон системи и една фрегата, објави кипарската новинска агенција ЦНА повикувајќи се на свои извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, француската помош е по поднесеното барање за време на двата телефонски разговори во понеделникот, а барање за испраќање фрегата на Кипар, Христодулидис упатил и до германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој одговорил позитивно и наскоро се очекува и официјална одлука од германската Влада.

Помош за Никозија испраќа и Атина, како што вчера соопшти министерот за национална одбрана на Грција Никос Дендиас, а четири воени авиони Ф-16 веќе се на Кипар, додека пак две фрегати пловат кон островот.

-Четири авиони Ф-16 на грчкото воено воздухопловство штотуку слетаа на Кипар, по итната реакција на грчката Влада, во рамки на зајакнувањето на превентивните мерки и тесната соработка меѓу Република Кипар и Грција, напиша на Икс портпарлот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, објавувајќи и видео од воените авиони.

Министерот за одбрана на Грција вчера соопшти дека „за подобра координација на активностите со Република Кипар“ денеска ќе биде на Кипар и ќе се сретне со неговиот кипарски колега Василис Палмас.

Рано утрово, според кипарските медиуми имало лажна тревога во областа Акротири каде што се британските бази.

Првично била испратена порака за опасност и итна евакуација од областа, но две минути подоцна следувало појаснување дека станува збор за лажна тревога.

Back to top button
Close