Црковен обвинител ќе му суди на новинар заради натписи на интернет портал


Наместо тужба во граѓански – црковен суд сака да носи одлука за критичките пишувања на новинарот Марјан Николовски за работата на Синодот на МПЦ. Николовски е повикан во понеделник да се јави пред црковен суд, затоа што, како што пишува во поканата за рочиштето, предизвикувал омраза кај верниците, а членовите на Синодот ги доведувал во опасност.

Николовски кој е уредник на сајтот религија.мк и одличен познавач на верските прашања, е повикан да даде и докази за неговите пишувања, а нив да ги разгледа црковен обвинител.

„Јас сум новинар и мене не може да ме повикува на одговорност црковен суд. Тие мислат дека ако ме одлачат од црквата и ако кажат дека јас не сум веќе дел од црквата нема да имам право да пишувам. Па јас не сум ни муслиман па пишувам за проблемите во ИВЗ, не сум ни католик па пишувам за проблемите во католичката заедница. Едноставно матрицата кај одредени луѓево МПЦ да не може да разберат што е новинарство и, пред сè, критичко новинарство доведува до ваква ситуација“, вели Марјан Николовски новинар.

Со реакција и новинарските здруженија. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја предупреди црквата да не создава паралелен судски систем, од Здружението на новинари, пак, ги осудуваат обидите на црковните власти да го замолчат новинарот Марјан Николовски.

„Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува и бара притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи“, велат од ССНМ.

„Остро ги осудуваме сите обиди на црковните власти внимателно да го испитаат и замолчат критичкото новинарство и слободата на изразување. Ваквите активности не само што ги поткопуваат основните принципи на независноста на медиумите, туку ги загрозуваат и демократските вредности кои овозможуваат разновидно и плуралистичко општество да напредува“, велат од ЗНМ.

Николовски најави дека нема да се појави пред црковниот суд, ниту пак ќе ги плати трошоците.

Инаку, ова е преседан, новинар да биде повикан пред црковен суд. Македонија е секуларна држава, во која постапките се водат пред надлежните судови.

Back to top button
Close