Црн чад над Гази Баба: неофицијално гори депонија во близина на Инџиково
Густ црн чад утрово беше забележан над дел од скопската населба Гази Баба, а граѓани преку социјалните мрежи алармираат дека веројатно станува збор за пожар на депонија во близина на Инџиково.

Во Фејсбук-групата „Ѕид на Општина Гази Баба“ беше објавено видео направено денеска, околу 10:20 часот, на кое се гледа густ чад кој се издига во далечина.
„15.06.2026, 10:20 часот. Убав сончев ден во Гази Баба, ова некаде Инџиково ќе му дојде“, напишал граѓанинот кој ја објавил снимката.
Други корисници во коментарите посочуваат дека, според нивните сознанија, гори депонија покрај автопатот, од десната страна во правец од „Белви“ кон Арачиново.
Засега нема официјални информации од надлежните институции за што станува збор, ниту дали противпожарните служби интервенираат на терен.






