Црн чад од Сикстинската капела: Конклавата не избра папа при п
Црн чад се издигна од оџакот на Сикстинската капела, сигнализирајќи дека првото гласање на кардиналите, собрани во конклава за избор на нов поглавар на Римокатоличката црква, заврши без резултат.
Илјадници верници собрани на плоштадот „Свети Петар“ го очекуваа чадот од тесниот оџак на покривот на капелата по ден исполнет со ритуали и церемонии, додека кардиналите се молеа за божествено водство во тајното гласање.
Чекањето беше подолго од очекуваното – чадот се појави повеќе од три часа по почетокот на конклавата, што е еден час повеќе од времето потребно за првото гласање на конклавата во 2013 година, кога беше избран покојниот папа Франциск. Избор на папа во првиот ден од конклавата не се очекуваше, бидејќи во модерните времиња такво нешто не се случило.
Некои кардинали изјавија дека се надеваат конклавата да заврши до четврток или петок, покажувајќи дека Црквата може да остане обединета по 12-годишното раководење на папата Франциск, кој почина минатиот месец.
Сто триесет и трите кардинали-избирачи, сите помлади од 80 години, ќе ја поминат ноќта во една од двете ватикански гостински куќи, каде што можат да продолжат со неформални разговори пред да се вратат во капелата утре наутро.
По единствениот круг гласање вечерва, кардиналите, познати како „принцови на Црквата“, ќе одржат по два круга гласања во утринската и попладневната сесија во наредните денови, сè додека еден кандидат не обезбеди двотретинско мнозинство – односно поддршка од најмалку 89 кардинали.
Единствениот контакт со надворешниот свет ќе биде чадот од оџакот, создаден од палењето на гласачките ливчиња со специјални хемикалии: црн кога гласањето завршува без резултат и бел кога ќе се избере нов папа.
Модерните папски конклави обично се кратки. Конклавата во 2013 година траеше само два дена, исто како и онаа во 2005 година, кога беше избран папата Бенедикт XVI.