Црна Гора e традиционално важен стратешки пазар за „Алкалоид“
Претставници на висока владина делегација од Црна Гора предводена од министерот за здравство д-р Војислав Шимун, Бранко Крвавац, главен советник на претседателот на Владата на Црна Гора и Александар Богавац, директор на ЗУ „Апотеке Црна Гора Монтефарм“ остварија официјална работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје, со фокус на зајакнување на соработката.

Во рамките на посетата, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО г. Живко Мукаетов, делегацијата имаше можност да се запознае со деветдецениското постоење и успешно работење на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствените перформанси и производственото портфолио.
Во фокусот на средбата беа стратешките определби на компанијата, вклучувајќи ги силната извозна ориентација, континуираните капитални инвестиции, проектите за општествена одговорност, како и стратешката посветеност за одржлив раст и за пазарна диференцијација во глобални рамки. Воедно, посебно внимание им беше посветено на можностите за унапредување на соработката меѓу „Алкалоид“ АД Скопје и установите под надлежност на Министерството за здравство на Црна Гора, вклучувајќи ја и ЈЗУ „Апотеке Црна Гора Монтефарм“.
Црна Гора претставува традиционален и значаен пазар за „Алкалоид“, на кој компанијата е континуирано присутна со своето разновидно портфолио на производи од сегментите фармација, козметика, билка и хемија. Долгогодишното присуство и препознатливоста на брендовите придонесуваат за стабилна позиција на компанијата и за градење доверба кај потрошувачите и партнерите на овој пазар.
Официјалната работна посета на министерот за здравство на Црна Гора претставува одлична можност за натамошно продлабочување на соработката и за изнаоѓање нови форми на синергија меѓу „Алкалоид“ и ентитетите на црногорскиот пазар.






