Црна листа, сиви тенденции
Случаите на политичари од регионот ставени на црната листа покажуваат дека шоковите траат кратко, дека „оцрнетите“ се враќаат на сцената, понекогаш дури и посилни. Пишува Љупчо Поповски
Легендарниот југословeнски новинар од Хрватска, Миљенко Смоје, некоја година пред да почине (во 1995) раскажа една епизода како почнале неговите проблеми со комунистичките власти во првите години по ослободувањето. Како млад новинар на „Слободна Далмација“ во неговиот Сплит тој напишал една кратка белешка за зголемените цени на кафето во рестораните на сплитската рива. Насловот на тој краток текст за поскапувањето при дружба или осама на ривата била: „Црна кава, црне тенденције“.
Реакцијата на партискиот комитет била жестока – какви црни тенденции во слободарскиот Сплит. Смоје го издржал тој притисок и веќе зачекоруваше во новинарските и хроничарските легенди.
Дали би можеле да кажеме парафразирано – Црна листа, црни тенденции – по одлуката на Стејт департментот да стави на својот фамозен список уште двајца луѓе од Македонија што предизвика еден мини политички земјотрес. Изгледа дека ваквата директна асоцијација би била пресилна. Повеќе прилега – Црна листа, сиви тенденции. И има многу причини за тоа.
Еве неколку од нив.
Магнитски и Пеевски
Ниту едно ставање на црната листа или на листата според законот Магнитски од страна на САД (и Велика Британија) не им донесе вистински долгорочни неволји на дезигнираните на луѓето во регионот. Првостепено, затоа што домашните органи кои треба да ги истражуваат наводите за „значителна корупција“ и други дела не отидоа никаде подалеку од класичните наводи на Стејт департментот.
Првиот случај – Дељан Пеевски во Бугарија. Контроверзниот олигарх и дел од разузнувачкото милје во Бугарија беше силно погоден со американската одлука да биде санкциониран според глобалниот закон Магнитски. По првичниот шок во бугарската јавност и лично за него, Пеевски не само што се прегрупира, туку и се реинвентира и толку силно политички се ангажира што сега е клучен играч во бугарската политика. Успеа да стане копретседател на партијата на бугарските Турци, Движење за права и слободи (ДПС), потоа го примора, или поточно речено, го избрка, другиот копретседавач, Мустафа Карадај, и стана толку незаобиколен фактор во бугарската политика што нема ден тој да не поставува дел од нејзината агенда.
Со раширената мрежа на соработници во полициските, обвинителските и судските кругови до највисоките ешалони, и што со премолчена, што јавна поддршка на Бојко Борисов и ГЕРБ, тој наеднаш се претвори во фактор без кој не се може во Бугарија ДПС се подели, тој беше разрешен од претседателската функција, но инсталациите во судството му овозможија својата фракција да ја крсти со името ДПС – Нов почеток, додека другата, на првиот претседател Ахмет Доган, мораше да бара друго име. Тој е толку разгоропаден што силно му се заканува на претседателот Румен Радев, го доведува до ужас либералниот и оној, да речеме, нормалниот дел од бугарското општество. Бојко Борисов одбива да се приклучи на идејата на неколку други партии да се создаде санитарен кордон околу Пеевски, очигледно добро усогласен со него, заедно емитувајќи фрази за Западот, а против Русија. Во последниот пресврт, оваа недела тројцата највидни членови на реформската партија Продолжуваме со промената се ставени под прогон на обвинителството. Беше побарано од парламентот да му се укине имунитетот за Кирил Петков (од што тој сам се откажа) за да се гони за краткото приведување на Борисов пред некоја година. Целта е партијата да се растури. Во исто време, бугарското обвинителство никогаш не најде никакви докази за американските наводи (и британски) поради кои Пеевски беше санкциониран според законот Магнитски. Всушност, од тогаш неговата политичка вредност порасна.
Како и овдешната амбасадорка Анџела Агелер и тогашната во Софија зборуваше дека Вашингтон ги има доказите, а домашните истражни органи треба да си ја завршат својата работа. Пеевски преку силни американски адвокати се обидуваше да ја поништи одлуката. Се разбира, не успеа, како што Американците во сите случаи наоколу на црната листа не дадоа ниеден од доказите што наводно ги поседуваат на домицилните истражни органи.
Во јули 2023 тогашниот шеф на српската тајна служба БИА, Александар Вулин, беше санкциониран од американското Министерство за финансии за корупција, трговија со дрога, коруптивни и дестабилирачки дејствија кои овозможиле руски малигни активности во регионот. Му требаа неколку месеци на српскиот претседател Александар Вучиќ да го денфува американскиот удар, па Вулин дури лани во ноември поднесе оставка на чело на БИА. Вашингтон изгледаше задоволен. Тоа политичко прогонство на Вулин траше половина година, затоа што во новата влада на премиерот Милош Вучевиќ во мај 2024 тој стана вицепремиер. Дали сега Вашингтон е задоволен или не е, никогаш јавно не се кажа. Вулин изгледа испран од американското црнило. Тој може да се среќава со руски функционери, не му недостигаат западните и американските. А Вучиќ може да биде задоволен – мисли дека им ја покажал моќта на Американците.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, е на американската црна листа уште од 2017, па не гледаме дека нешто му фали додека ги води босанските Срби. Тој неодамна на винскиот саем во Белград стана формален или неформален дел од Отворен Балкан. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Белград на тој саем се најде опкружен од врвот на српскиот свет – Вучиќ, Вучевиќ, Додик и Жељка Цвијановиќ. Еди Рама избегна да дојде, испрати само видео порака. Дали на Мицкоски му било незгодно во тоа друштво од српскиот свет само тој си знае.
Па поранешниот претседател на Албанија, Сали Бериша. И тој и неговото семејство се најдоа на црната листа. Бериша беше ставен во куќен притвор поради истрага за корупција. Неодамна излезе од него, а судот ја оконча правната битка официјално прогласувајќи го за претседател на Демократската партија. Што значи, лидер на официјалната опозиција. И покрај целата помош од американски конгресмени и адвокати Бериша не успеа да го избрише своето име и на неговото семејство од црната листа, но сега е легитимен врвен играч во албанската политика и главен ривал на Еди Рама.
Американската рака во срцето на ДУИ
За македонските случаи нема потреба да зборуваме, и така добро ги знаеме. Само ќе споменеме дека двајца од листата се високо профилирани актери, градоначалници на Карпош и Струга, Стевчо Јакимовски и Рамиз Мерко. И покрај американските наводи тие уште си ги извршуваат функциите.
Секако, назначувањето на Артан Груби и Енвер Беџети во овој момент изгледа дека има поголема специфична тежина. И има. Затоа што е исклучително политички силно. Прво, затоа што американската рака стигна до самото срце на ДУИ и главниот аѓутант на Али Ахмети. Што, се разбира внесе голем немир меѓу интегративците во првиот момент. А во вториот, дека веќе е почната битката кој да го заземе местото на десната рака.
Понатаму, што црната листа допре до високите судски кругови преку Енвер Беџети, а со тоа до прислушувањето и директно до уништувањето на Специјалното јавно обвинителство, во кое Американците вложија толку многу помош и финансиски ресурси.
Дополнително, за ДУИ и самиот Груби шокот може да изгледа уште поголем, затоа што во последнава година-две тој се сликаше неброено пати со Агелер, особено за договорот со „Бехтел и Енка“, го водеше проектот и изгледаше како американски човек од голема доверба. Но како што вели славната реченица од прислушуваните разговори – „каменот доаѓа одблиску“.
Засега, никој не може да знае како ќе се одвива истрагата на обвинителството за наводите на Стејт департментот за Груби и Беџети и случајот на Сашо Мијалков во процесот „Таргет-Тврдина“. Сепак, наводите на Вашингтон треба да се преточат во докази, ако ги има.
Во овој момент, тоа изгледа како исклучително тешка задача. И затоа ќе мора да се причека, можеби и подолго време. Затоа што едно се наводи (иако Агелер рече дека поради дискреција не може да ги открие доказите, а веројатно и нема такво овластување), а друго докази за на суд.
Но едно нешто веќе се гледа. Бидејќи ова назначување на Груби на црната листа беше „пеколен портокал“ за ДУИ, интегратиците ќе се трудат да ги приберат своите редови, додека главно владините претставници (ВМРО-ДПМНЕ и албанскиот четиричлен конгломерат ќе удираат со тешка артилерија). За ДУИ ова не е работа што може да ја залечи за три недели, два месеци или до локалните избори идниот октомври. Но, како и секој друг што бара политички опстанок криејќи се во плитките ровови ќе бара начин да се регрупира. Дали ќе ѝ успее, е веќе друго прашање. Дали Ахмети ќе се раководи од политичкиот инстинкт и знаење доколку продолжи да го држи на пристојна близина Груби до себе или заради иднината на партијата ќе го дистанцира на голема оддалеченост, ќе биде многу важно за ДУИ за следните избори. А и по нив. Не е некоја голема политичка проникливост ако се каже дека албанскиот владин конгломерат силно посакува Груби повторно да биде во орбитата на Ахмети, макар и да не се покажува јавно, затоа што тогаш би имале вистинска приказна. Ако навистина го снема до изборите приказната ќе биде осиромашена.
Другите двајца актери од македонскиот блок би можеле да бидат задоволни. Едниот многу повеќе, другиот слично, но прикриено. Премиерот Мицкоски покажува воздржан триумфализам (но другите членови на партијата – не) за ставањето на Груби на црната листа, затоа што едногодишниот наратив од кампањата пред изборите доби свое крешчендо. СДСМ, пак, дека оној што ѝ го уриваше рејтингот на владата со фудбалот и кошарката во канцеларијата доби политичка казна од преку Атлантикот, кога тие самите не можеа да го направат тоа.
Но сториите доаѓаат и поминуваат, затоа тенденциите се во десетина нијанси во сиво. Приказната за „црнилото“ на Артан Груби можеби ќе се одржува уште десетина дена, можеби до поновогодишните празници. Понатаму таа ќе исчезнува потопена од други настани, освен ако не дојде некој спектакуларен резултат од обвинителството. Притаен, Артан Груби ќе крои планови за свое политичко воскреснување. А тоа нема да може да го направи без помош на Али Ахмети. Ако лидерот навистина го сака тоа, додека други го пополнуваат Артановото место.