Црната тринаеска на црната листа: Кои македонски јавни личности се непожелни во Америка

Тринаесет истакнати лица од земјава се наоѓаат на неславната т.н. „американска црна листа“. Всушност, не станува збор за еден список на непожелни, туку за неколку листи на санкции на САД насочени против поединци и бизниси вклучени во корупција или нарушување на човековите права.

 

На овие листи со децении се наоѓаат и лица од земјава поради наводи за корупција и поткопување на демократските процеси, а меѓу нив се наоѓаат политичари, поранешни премиери и министри, градоначалници, судии. САД ги санкционираат таквите поединци како дел од нивните напори за промовирање одговорност и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан.

Листите на санкции ги админстрира Канцеларијата за контрола на странски средства (Office of Foreign Assets Control – OFAC) во рамките на американското Министерство за финансии. Овие списоци се користат за спроведување на економски и трговски санкции врз основа на целите на надворешната политика и националната безбедност на САД.

Дел од клучните листи е и Листата со специјално назначени државјани (Specially Designated Nationals – SDN list) која е најпозната и каде, всушност, се наоѓаат најголем дел од македонските државјани под американски санкции.

Оваа листа содржи поединци и ентитети на кои им е ограничено правото за правење бизнис во САД поради врски со тероризам, трговија со наркотици или пак кршење на човековите права. Средствата на оние што ќе се најдат на оваа листа може да им бидат блокирани, добиваат забрани за патувања во САД, додека на американските граѓани им е генерално забрането да соработуваат со нив.

Списокот со санкции поврзани со Балканот вклучуваат ознаки според Извршната наредба 13304, издадена од американскиот претседател Џорџ В. Буш на 29 мај 2003 година, како одговор на тогашната нестабилност на Балканот, особено по распадот на Југославија во 1990-тите. Наредбата, првенствено, била насочена кон поединци и ентитети вклучени во попречување на напорите за стабилизирање на регионот по војните.

Како надоврзување на наредбата од 2003 година, актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, на 8 јуни 2021 година ја издава Извршната наредба 14033. Со неа се прошируваат напорите на американските власти да таргетираат корупција и дестабилизирачки активности во регионот на Западен Балкан, како кршење на човековите права, закани за демократските институции, организиран криминал или непочитување на клучните договори.

 

Кои јавни личности од Македонија се на црната листа?

Артан Груби

Поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби е меѓу последните имиња од Северна Македонија на таканаречената „црна листа“ на САД.

Од Стејт департментот на 9 декември годинава соопштија дека Груби, заедно со судијата на Апелациониот суд Енвер Беџети, се назначени на листата за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткоп во судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, кој исто така се наоѓа на оваа неславна листа.

Образолжението се однесува на судскиот процес за предметот „Таргет-Тврдина“ што го отвори Спцијалното јавно обвинителство (СЈО), а во врска со масовното незаконско прислушување. Патем, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, е исто така на „црната листа“.

Амбасадорката на САД во земјава, Ангела Агелер, изјави дека поради напорите на Груби и Беџети да се мешаат и да го нарушат функционирањето на судството, тие и нивните непосредни членови на семејствата добиваат забрана за влез во САД.

„Тие што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот, треба да разберат дека корупцијата носи последици“, изјави Агелер.

Амбасадорката одби да ги коментира деталите за нивното назначување на црната листа, но рече дека САД имаат цврсти докази за нивна вмешаност во корупција.

„Доказите што Вашингтон ги разгледуваше, што ги собравме и тука во оваа земја и во Вашингтон, беа лесно достапни… Ако ние можеме да ги собереме тие докази, тогаш можат и тие [македонските институции]“, рече Агелер.

Додека од партијата на Груби, ДУИ, само кратко соопштија дека ја почитуваат одлуката на Стејт департментот на САД и не преземаа никакви дејствија против нивниот функционер, самиот Груби се огласи соопштувајќи ѝ на јавноста дека решил да се повлече од јавниот живот.

„Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничиј политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден“, објасни Груби.

Енвер Беџети

Заедно со Артан Груби, на непожелната листа се најде и судијата на Апелациониот суд Енвер Беџети.

Беџети го привлече вниманието во јавноста кога Судскиот совет во ноември минатата година утврди дека тој девет месеци го чувал во фиока предметот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше Сашо Мијалков.

Советот тогаш констатираше дека нема образложени причини зошто предметот за незаконското прислушкување цели девет месеци не бил ставен на одлучување со што се создале услови предметот да застари и да се затвори.

Беџети доби парична казна – 20 отсто од платата во времетраење од шест месеци.

Црната листа на која се најде и судијата Беџети предизвика загриженост кај судската фела.

Здружението на судии реагираше дека ставањето на кој било судија на црната листа на САД е сериозен удар за честа и угледот на фунцкионерите од судската власт. Повикаа на брзо разрешување на случајот, заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела.

Откако Агелер ги повика македонските институции да преземат акција по последните назначувања на „црната листа“, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на оваа листа.

Катица Јанева

Во март 2024 година, на американската црна листа се најде првата и единствена жена од Северна Македонија – поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

За неа се вели дека ги користела своите позиции на моќ.

„Во нејзиното службено својство на поранешен специјален главен обвинител на Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Јанева побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност“, се вели во соопштението.

Јанева од јули 2021 година отслужува седумгодишна затворска казна за случајот „Рекет“. Случајот го пријави осомничениот во „Империја“ и обвинет во „Плацеви на Водно“, бизнисменот Јордан Камчев, кој исто така е на црната листа на САД.

Стевчо Јакимовски

Истовремено со Јанева, во март 2024 година, на црната листа се најде и градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат на изборите што се одржаа во април и мај истата година, Стевчо Јакимовски.

За него се вели дека како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичко планирање и јавните набавки за лична корист и за корист на неговите соработници.

Јакимовски беше обвинет во неколку судски случаи, но судењата се прекинаа поради амнестија поради застарување на делото, а по минатогодишните измени на Кривичниот законик.

Кочо Анѓушев

Поранешниот македонски вицепремиер Кочо Анѓушев беше прогласен како генерално неподобен за влез во САД во декември минатата година поради неговата вмешаност во значително висока корупција.

Во соопштението на американскиот Стејт департмент стои дека Анѓушев, додека ја извршувал фунцкијата вицепремиер, ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси поткопувајќи ја довербата на македонската јавност во владините институции и јавните процеси.

Тој ги негираше сомневањата изразени во документот на американското Министерство за финансии и најави обжалување на одлуката.

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, соопшти тогаш Анѓушев преку соопштение на Феро Инвест, компанија во која тој е извршен директор.

Јордан (Орце) Камчев 

Бизнисменот Јордан Орце Камчев заврши на црната листа на Министерството за финансии на САД на 19 јули 2023 година.

Потсекретарот на министерството, Брајан Е. Нелсон рече дека Камчев ја злоупотребил својата позиција ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.

„Бизнисменот Јордан ‘Орце’ Камчев интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти“, соопшти тогаш американското Министерство за финансии.

Оттаму нотираат дека Камчев во 2022 година беше осуден во судскиот процес „Плацеви на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште и дека во одвоено судење се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во случајот „Империја“ во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.

Дополнително, се вели дека Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство „за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист“.

„Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и другите, тврдејќи дека му изнудувале пари. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се вели во соопштението на Министерството за финансии на САД.

По овој скандал СЈО пропадна, додава американското министерство, а како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше остануваат нерешени одложувајќи ја одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слично како Камчев.

Сергеј Самсоненко 

Амбасадата на САД во Северна Македонија на 16 ноември 2023 година соопшти дека назначува нови поединци и субјекти поврзани со финансиската мрежа на Орце Камчев, кој беше санкциониран во јули истата година поради корупција.

Министерството за финансии на САД објави дека воведува санкции за Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина Самсоненко и Ратка Куноска- Камчева – мајката на Јордан Камчев, за корупција и малигни активности.

Името на Ратка Куноска-Камчева последните неколку години, покрај поврзаноста со нејзиниот син, во јавноста се експонираше и како една од обвинетите во судскиот процес „Плацови на Водно“ кој се однесуваше на перење пари со препорадажба на имоти, објави тогаш Радио Слободна Европа.

Со Куноска-Камчева, меѓу обвинетите беа и нејзиниот син Јордан Камчев, експремиерот Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков. Сите беа осудени освен Куноска-Камчева, која беше ослободена бидејќи обвинението за неа застаре.

Во шемата на купопродажба на атрактивното земјиште на Водно, кое беше предмет во овој судски процес, беше и брачната двојка Самосоненко, која помеѓу 2017 и 2018 година го купуваат имотот од Камчев. Ова е нотирано и од американското Министерство за финансии.

„Во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина. Во истиот рок, Ирина префрлила пари на ‘Камчев Консалтинг’ и ‘Орка Фајнанс’, двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски период, парите што им беа префрлени на ‘Камчев Консалтинг’ и ‘Орка Фајнанс’ беа искористени за плаќање на заем поврзан со ‘Орка Холдинг’, компанија поврзана со Јордан Камчев“, пишува во соопштението од американското Министерство за финансии од ноември 2023 година.

Се додава и дека Сергеј и Ирина Самсоненко, дополнително, од Камчеви ја купиле и фирмата „Систина лајф кеар центар“ – уште една компанија вмешана во случајот „Плацеви на Водно“.

Рамиз Мерко

Уште еден функционер од редовите на ДУИ беше прогласен како неподобен за влез во САД – градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и тоа во јуни 2023 година, поради, како и сите останати на листата, вклученост во значајна корупција.

Од американското Министерство за финансии соопштија тогаш дека Мерко, како градоначалник, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси нарушувајќи ја довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.

Мерко е присутен на македонската политичка сцена од 2005 година кога првпат стана градоначалник на Струга, општина со која раководеше сè до 2014 година, потсети тогаш Призма во нивниот профил на струшкиот градоначалник со наслов „Мерко: Од директор на земјоделска аптека до црна листа на САД“.

Пред крајот на вториот мандат за него беше подигнато обвинение. МВР отвори постапка во 2013 година поради тоа што дозволил изградба на дивоградба, но обвинението беше повлечено во 2016 година со оцена дека не е кривично дело. Подоцна, судот во Струга го ослободи. Како еден од пратениците на ДУИ, Мерко беше дел од парламентарното мнозинство во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ од 2014 до 2016 година. По промената на власта и доаѓањето на СДСМ, Мерко влезе во владиниот кабинет на Зоран Заев како министер без ресор, но само за кратко.

Во октомври 2017 година повторно беше избран за градоначалник на Струга, позиција која ја држи и денес.

Никола Груевски 

Во април 2022 година, кога американското Министерство за финансии ја прошири својата црна листа, на неа се најде и името на поранешниот премиер, а сегашен бегалец од правдата, Никола Груевски.

Американската влада во образложението за Груевски наведува дека овој чекор следува како одговор на неговата вмешаност во значителна корупција. Неговите постапки, како и постапките на тогашниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и прв братучед на Груевски, Сашо Мијалков, го поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во Северна Македонија и Унгарија и ја нарушуваат довербата на јавноста во владите.

„Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија преку кои го користеше своето политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито за возврат на владини договори, незаконски присвоени јавни средства и мешање во изборните процеси за политичка полза за себе и за неговата партија“, наведе тогаш Стејт департментот.

Никола Груевски, како поранешен претседател на сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пред да биде спроведен во затвор, пребега во Унгарија и доби азил од тамошниот премиер Виктор Орбан, инаку близок до Русија и Владимир Путин.

Сашо Мијалков 

Во истовреме, на црната листа, покрај Груевски, беше додаден и неговиот братучед – поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Во образложението за Мијалков се вели дека во службеното својство на директор на УБК, бил инволвиран во коруптивни дела, меѓу кои и користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Се додава и оти постојат веродостојни докази дека Мијалков го злоупотребил овластувањето на функцијата за да бара поткуп за возврат да се склучат владини договори, како и дека се мешал во изборните процеси во своја и политичка корист на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, назначувањето на Артан Груби и Енвер Беџети на црната листа на САД во декември 2024 година, исто така е поврзано со Мијалков. Поточно, како главна причина за ова назначување е тоа што наводно САД имаат докази оти Мијалков ги корумпирал Груби и Беџети за да ја избегне правдата.

Мендух Тачи 

Лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) и поранешен пратеник Мендух Тачи се најде на американската црна листа во 2004 за екстремистички активности за поткопување на Охридскиот рамковен договор.

Во март 2019 година беше осуден на три години затвор за предметот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, за злоупотреба на службената положба и овластувањата, како и за поттикнување на злоупотреба, заедно со Сашо Мијалков, Бедредин Ибраими и тројца поранешни членови на Државната изборна комисија. Откако пресудата беше укината во декември истата година од страна на Апелациониот суд, новата пресуда со двегодишна казна затвор стигна во јануари 2023 година, но по измените на Кривичниот законик, повторно беше укината во ноември поради застарување на делото.

Тачи стана познат во македонската јавност откако во март 2015 година беше објавен прислушкуван разговор со Сашо Мијалков, во кој Тачи вели: „Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт“.

Љубе Бошковски

Политичарот и некогашен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски е меѓу првите истакнати Македонци кои стигнаа до црната листа на САД. На неа се најде во мај 2003 година, по Извршната наредба 13304 издадена од тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш.

За време на конфликтот во 2001 година беше назначен за министер за внатрешни работи на ВМРО-ДПМНЕ во широката владина коалиција, а во септември 2002 година стана пратеник во Собранието.

Во август 2004 година Бошковски беше уапсен со Хрватска, а во декември истата година Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија покрена обвинение против него и Јохан Тарчуловски, па во март 2005 година беше префрлен во Хаг. Судењето започна во април 2007 година, а заврши во јули 2008 година кога Бошковски беше прогласен за невин од страна на Хашкиот трибунал за настаните во скопското село Љуботен во август 2001 и беше ослободен.

При враќањето во Македонија, на скопскиот аеродром го пречека Никола Груевски како премиер. Но, подоцна нивните односи се расипаа, па Бошковски ја формираше партијата „Обединети за Македонија“. По парламентарните избори во 2011 година на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, беше уапсен под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања и осуден на петгодишна затворска казна. Случајот „Кампања“ во 2021 година се врати на повторно судење.

Во меѓувреме, „Обединети за Македонија“ стана дел од владината коалиција на СДСМ на изборите во 2020 година, додека на последните парламентарни избори влезе во коалиција со сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Бошковски ќе остане запамтен по инцидентот на Маврово во 2002 година, кога како министер за внатрешни работи, пукаше од т.н. жабица – автоматскиот фрлач на гранати, „М93“ кој користи муниција со дијаметар од 30 милиметри. Притоа, од шрапнелите при пукањето на Бошковски беа повредени четири лица кои беа присутни на настанот, вклучувајќи и една новинарка.

Џеват Адеми

Политичарот и поранешен член на ОНА, Џеват Адеми, беше ставен на американската „црна листа“ на 27 јули 2001 година. Неколку месеци потоа се вклучува во тогаш новоформираната партија ДУИ, а во 2004 година стана заменик-министер за локална самоуправа. Од 2006 до 2008 година, пак, беше пратеник во македонското Собрание од редовите на ДУИ.

(Мета.мк)

Back to top button
Close