“ЦРНИ БОМБАРДЕР“

м-р. Глигор Стоименов

“Се сеќавате сигурно на култниот Српски филм “Црни бомбардер“ од 1992 година.
Денес за жал ситуацијата во Македонија многу ме потсетува на дејствијата опишани во филмот. Особено оние сцени кога за време на радио програмата во живо каде што се емитуваше емисијата “Црни бомбардер“ улетува некој лик во студиото и пука со автоматска пушка кај ќе стигне, само затоа што не му се допаѓале искажаните ставови и размислувања на главните водители на програмата, кои беа критички насочени против државниот врв.
Денес во Македонија имате ситуација кога во сред емисија на еден медиум (Инфомакс), улетува некој, крши се пред себе само за да се пресмета со оние со кои не се согласува со нивните ставови и размислувања. Среќа што немаше оружје, но некој друг можеби (не дај боже друга будала) следен пат ќе носи оружје. До сега ова не сме го виделе во нашата Македонија!!

А што мислевте Вие??

Во општество во кое првите луѓе во државата креираат атмосфера на јавен линч, етикетираат предавници, навредуваат, омаловажуваат, па не е тешко да се најде некоја будала да оди да се пресмета таму со сите. Партиите гледам дека се оградуваат од ова и го осудуваат инцидентот. Јас искрено не верувам и не сакам да верувам дека некоја политичка партија го организирала овој човек да ги даде последните пари за такси и да оди да тепа луѓе по емисии, искрено не верувам дека некој го организирал, можеби грешам, можеби некој го организирал ликот, не знам. Но да бидам искрен ме запрепастија некои реакции на поединци со нивните коментари на социјалните мрежи, особено коментари од страна на полициски службеници на кои опис и попис на работното место им е да ги штитат граѓаните а не да даваат поддршка на насилници, тоа МВР треба веднаш да го расчисти, како што се прави во секоја нормална држава. Ова само за жал покажува колку е забегана работата. Но, како и да е, партијата која е на власт, со атмосферата која ја креира во општеството создава многу вакви ликови на дневна основа кои се спремни на се, за каузата во нивните глави, нели! Тоа е веќе дефиниција за несигурна и небезбедна држава. Минатиот пат предупредив исто така, дека ќе се најде наскоро некој “Луди Милојко“, пензионер кој ќе ја истепа (не дај боже) уставната судијка што му ја земала пензијата. Ќе го направи тоа затоа што слушнал од првите луѓе во државата дека таа му ја земала пензијата!! Токму така се креира состојба на несигурност и јавен линч против секој што мисли поинаку и сака да спроведе закон “не дај боже“. Гледав пред некој ден некое интервју на поранешниот претседател на Историската комисија, претседател од нашата страна, познат историчар и академик, па му кажува на водителот за некое писмо на Гоце Делчев кое го разгледувале на комисијата и таму опишува што видел во писмото околу националната определба на самиот Делчев. Кога почнав да ги читам коментарите на социјалните мрежи упатени кон нашиот историчар се фатив за глава!! Луѓе мои, абе ќе го утепаат човекот некаде само поради тоа што ја кажува вистината за содржината на некое писмо кое го видел, значи не го напишал тој писмото, алооо,?? Се фрапирав од коментарите! Но највпечатлив од сите беше еден кој ќе го цитирам, “Абе мајмун еден, па и да е така тоа што си видел, што има ти да кажуваш бе, да ти е…м мајката!! Замислете, што има тој да кажува, а кој да кажува бе??? Луѓето како да не ја сакаат секогаш вистината??
Токму затоа во држава во која главна гранка на политиката е “антиполитика“, каде што всушност има тенденција да се обезвредни и обесмисли политиката преку секојдневна лажна и убиствена пропаганда, секој нормален и пристоен човек ќе дигне раце од се и ќе се пасивизира, нема да оди веќе на избори, а зошто да оди? Па затоа излезноста ќе биде се помала и некој ќе владее со само 10 проценти поддршка од вкупниот електорат, дали е тоа намерата на оваа политика??
Политика која креира нестабилност и гневни луѓе кои ќе бидат спремни да тепаат по улици е опасна политика??
Македонската пристојна и демократска јавност мора да почне да се буди затоа што ова е веќе пресериозно. Стагнираме во сите сфери! Особено на економски план, огромни буџетски дупки, пари нема, сите се веќе подобри од нас. Не одиме напред. Последните изјави на претседателот на владејачката партија од конгресот минатата недела каде што ни соопшти дека нема ЕУ, односно побара услови кои никој не може да ни ги исполни, па дали тоа значи дека ставаме рампа на нашиот пат кон ЕУ. Во чие име го прави тоа не знам. Ама знам дека потрошивме години и години за ЕУ, генерации се сменија за да го оствариме нашиот сон да бидеме дел од ЕУ. Со оваа политика и вакви изјави, за жал ќе почнат веќе да не третираат во Брисел како безбедносна закана.
Па сега кој е патриот а кој предавник?? Кој претставува елита а кој талог во општеството?? Ајде да се објасниме!!
Ние кои сакаме да ја видиме оваа земја како нормална и демократска, членка на ЕУ, земја со повисок стандард на живеење, со демократски институции, со образован народ кој размислува со сопствениот ум или на другата страна оние кои мислат дека Европскиот парламент ни го земал идентитетот, кои чекаат гаранции што не постојат, кои се изложени на една масовна манипулација со години за да некој владее на крилјата на таа манипулација, кои се спремни да се тепаат за лидерот и да го “бранат идентитетот“ па се уште веруваат за жал дека бранат идентитет, така им рекле у партија, па кој е талог а кој елита во општеството прашувам???
Имаме уште многу да се објаснуваме???

П.С. Најнова вест што ја слушнав е тоа дека сите оние кои зборуваат дека ќе дојдат мигранти во Македонија, сите тие кои шират страв и паника треба да бидат гонети од страна на Јавното обвинителство, ауууууу!!
Дали е ова вистина??

Back to top button
Close