Црногорците запреа чартер од Белград: „Криминалци дојдоа да го обезбедуваат Вучиќ“

Црногорската полиција им забрани влез на група од најмалку 90 лица од Србија кои денеска пристигнаа во Тиват со чартер лет од Белград поради, како што пишуваат црногорските медиуми, наводно сомневање за субверзивни активности пред самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува на црногорскиот брег вo четврток и петок.

Според Вијести, меѓу патниците во авионот имало регистрирани „лица од интерес за безбедноста“ и сите тие ќе бидат вратени од Тиват во Белград со првиот лет.

Според весникот, патниците не сакале да одговорат на прашањата на полицијата за целта на нивното патување во Црна Гора.

Според информациите со кои располага Полициската управа, пишува Вијести, лицата на летот, кои претежно имаат криминални досиеја, имале задача неформално да го обезбедат престојот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват.

Во соопштението за медиумите на црногорската полиција се наведува дека тие спроведуваат обемни, континуирани и засилени активности по повод самитот ЕУ-Западен Балкан и дека во овој контекст се спроведуваат зголемени контроли на граничниот премин на аеродромот Тиват.

Поради оваа причина, чартер летот на релација Белград – Тиват, на кој околу 90 граѓани на Србија пристигнаа во Црна Гора денеска, е ставен под контрола.

Црногорските медиуми претходно објавија дека повеќе од 1.500 полицајци од сите организациски единици на Полициската управа, вклучувајќи ги и тактичките единици, ќе го обезбедуваат самитот на Европската унија – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 4 и 5 јуни во Тиват.

Самитот ќе собере учесници на највисоко политичко ниво. Меѓу учесниците се претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Франција Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерот на Шпанија Педро Санчез, премиерот на Италија Џорџа Мелони, како и бројни други европски и регионални лидери.

Back to top button
Close