Црногорската полиција објави фотографија од Ацо Мартиновиќ, осомничен за повеќекратно убиство во Цетиње
Црногорската полиција објави фотографија од Ацо Мартиновиќ, осомничен за повеќекратно убиство во Цетиње, објави Вијести.ме.
Во полициското соопштение пишува дека во пукање во угостителски објект Мартиновиќ убил најмалку четири лица, меѓу кои и членови на неговото семејство, по што вооружен го напуштил објектот и побегнал.
„Полицијата ги презема сите активности од нејзина надлежност со цел лоцирање и ставање под контрола на лицето, а на терен се сите расположливи организациски единици на полицијата, вклучително и Специјалната полициска единица. Напоменуваме дека лицето е вооружено и опасно, и уште еднаш директно апелираме до граѓаните на Цетиње да останат со разум и да останат во своите станбени објекти и да не пуштаат непознати лица во своите домови, додека полицијата ги презема сите мерки и дејствија со цел нивна заштита и кривично гонење на сторителот на овој настан“ се вели во соопштението.
Во Клиничкиот центар на Црна Гора биле донесени тројца мажи и една жена.
Мартиновиќ крвавиот пир го започнал во кафеаната „Велестово“, во близина на Спортскиот центар.
Потоа тој продолжил да пука надвор од локалот.
Според информации на „Вијести“ во кафаната прво се случила тепачка, по што Мартиновиќ извадил оружје и пукал.
Според досегашните сознанија, Мартиновиќ не е поврзан со ниту една организирана криминална група, но од порано бил препознаен како лице со афективно однесување. Тој бил апсен за недозволено поседување оружје.
„Апелираме до граѓаните на Цетиње да останат присебни и да останат во своите станбени објекти. Сите расположливи полициски единици се на терен и преземаат активности од нивна надлежност со цел да ја стават ситуацијата под контрола и да ги гонат сторителите. Ја информиравме јавноста дека се работи за ситуационен настан, кој не е последица на пресметкаа на високоризични организирани криминални групи“соопшти денеска црногорската полиција.
Најмалку пет лица загинаа во престрелка во Цетиње, полицијата трага по осомничениот