Црвен метео аларм во повеќе градови во Италија: Топлотен бран носи температури до 40 степени
Во шест италијански градови – Болоња, Болцано, Бреша, Фиренца, Перуџа и Торино – денеска е прогласен црвен метео аларм поради екстремно високите температури, а топлотниот бран што ја зафати земјата се очекува да го достигне врвот за време на викендот, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Црвениот код означува дека температурите се толку високи што претставуваат опасност и за здравите луѓе, а не само за ранливите групи како болните и постарите лица. Според Министерството за здравство, утре се очекува црвен аларм да биде прогласен во 13 градови.
Метеорологот Антонио Сано изјави дека в недела во Фиренца, Ферара и Терни температурите во сенка ќе достигнат 40 степени Целзиусови, додека во Милано и Рим се очекуваат 39 степени. – Максималните температури може да ги надминат историските рекорди, дури и од познатиот топлотен бран во 2003 година, со тропски ноќи кога минималните температури нема да паднат под 20 степени, рече Сано, основач на веб-страницата www.iLMeteo.it.
Тој додаде дека во Италија се очекуваат минимални температури од 25 степени и максимални до 40 степени, како на југ, така и во централните и северните региони. Според Сано, антициклонот што ја зафати земјата ќе трае најмалку 10 дена, со прв пик денеска и втор, уште поинтензивен, в недела, 29 јуни. Намалување на температурите се предвидува по 2 јули.