Црвените линии на македонизмот

Ако веќе сме членка на НАТО, а почнуваме преговори со ЕУ кои имаме намера квалитетно и брзо да ги затвориме, тогаш што ќе биде нашата визија за иднината? 

Кога во минатата колумна на прашањето ‘зошто да не Албанец за премиер?’ одговорив со прашањето, а зошто да не коалиција помеѓу ВМРО и СДСМ, знаев дека тоа ќе предизвика големо внимание на македонската политичка сцена. Ова од причина што долго време националните прашања се водечка идеја кај партиите на македонските Албанци. За жал, долго време сите други, по мене далеку поважни аспекти од животот на секој просечен македонски Албанец, се занемарени во однос на националистичкиот порив кај некои од водечките албански политичари.

Па така наместо битка за подобра економија, за отворање на нови работни места во приватниот сектор, за културолошко воздигнување и подобар квалитет на образованието и здравството, фокусот пренагласено се става на националистички прашања. И ако било кој неалбанец се спротистави на тоа веднаш го етикетираат како недемократ, угнетувач на албанските права, шовинист итн.

Веројатно, тоа во некои случаи и е точно, посебно кога доаѓа од некои неотесани екстремно десни националисти кои, слично на тие што ги напаѓаат, во недостаток на визија за било каква нормална понуда на своите гласачи, удирајќи се во гради, проповедаат некои идеи за големи нации и етнички чисти држави кои никогаш и не постоеле.

За среќа, по безмалку 30 години независност, ваквите екстремни националисти се прочитани, а би рекол и здодевни, како меѓу Македонците така и меѓу Албанците, затоа што сметам дека граѓаните одамна им ја сконтаа финтата на овие безидејни политичари кои недостатокот од визија за развој, економски раст и благосостојба го задскриваат зад патриотското урлање и себепромовирање како ултимативни патриоти за разлика од останатите кои според нив се мекуши и предавници.

Слаткоречивоста на националистите

Затоа никогаш не сум го сакал екстремниот национализам затоа што во себе крие една голема неспособност, омраза и гнев кои секогаш водат кон раздор, поделби и конфликти. Сум пишувал и претходно за умерениот патриотизам за кој сметам дека е посилен и далеку покорисен од рудиментарниот национализам. Затоа сметам дека граѓаните треба многу повеќе да му веруваат на умерениот патриот отколку на екстремниот националист, без разлика што многу често слаткоречивоста на националистите може да опие и занесе.

Мојата порака до граѓаните во врска со екстремните националисти е следна: Ниту знаат што прават, ниту пак ќе ви помогнат да имате повисока плата, подобра работа, подобро здравство, образование или инфраструктура. Нивната запалива реторика не плаќа сметка за струја, ниту пак рата за кредит. Едноставно, баталете ги. Фокусирајте се на реалната понуда на партиите и лидерите што имаат нешто да понудат. Можеби некои и ќе понудат нешто што нема да може целосно да го исполнат, но и тоа е подобро од тоа да се закрвуваме на теми кои се контролирано наметнати за да некои остварат некаков политички бенефит од тоа. Ова во никој случај не значи дека патриотизмот е штетен или дека интересот на нацијата не треба да биде на прво место.

Напротив, затоа и правам разлика помеѓу тој рудиментарен национализам кој многу често се појавува пред и за време на избори или е водечка идеја кај некои маргинални партии и политичари и умерениот патриотизам од друга страна. Нели е патриотизам да изградиш автопат, болница, да зголемиш пензии и минимална плата, но и да ја опремиш армијата и полицијата, да ги зајакнеш институциите и да ја унапредиш дипломатската мрежа?

Умерен патриотизам

По мене умерен патриотизам е и да се постават црвените линии на македонизмот или стратешките цели на македонската државност. Ако до сега едни од основните стратешки цели на државата беа нашето членство во ЕУ и НАТО, по нашето полноправно членство во НАТО и остварување на оваа по мене клучна стратешка цел на државата, и по отпочнувањето на преговори за наше полноправно членство во ЕУ, треба да поставиме нови стратешки цели и црвени линии кои треба да ни бидат водилка, но и патоказ каде треба да се движиме во наредните години и децении. За тоа да се направи, најнапред потребно е стратешко зближување на двете најголеми партии во државата. Ова значи дека двете партии заеднички ќе ги постават стратешките цели на државата и заеднички ќе работат тие стратешки цели да се остварат. За ова потребно е стратешко зближување, а не ненормално закрвување кое за жал го гледаме и слушаме во оваа кампања.

Пред нас е многу важен период кој бара мудрост, искуство и визија од политичарите, а не омраза, поделби, закани и уништувања. Ако веќе сме членка на НАТО, а почнуваме преговори со ЕУ кои имаме намера квалитетно и брзо да ги затвориме, тогаш што ќе биде нашата визија за иднината? И уште нешто, што сé сме подготвени да жртвуваме на тој пат, до каде може и смее да одиме, особено во делот на националните прашања. Ова бара сериозност, високо интелектуално и образовно ниво, меѓусебна дискусија, почитување и уважување, а не меѓусебно линчување.

Нови стратешки цели

Имајќи го во предвид мојот пристап во политиката, критика проследена со предлог, покрај оваа иницијатива за стратешко приближување на двете најголеми партии во државава и разговор за идните стратешки цели на државата, ќе си дозволам да наведам некои можни стратешки цели:

Опстојување на државата на македонскиот народ, во рамноправен соживот со сите останати етнички заедници кои живеат во државата. Ова во никој случај не значи намалување или деградирање на правата на заедниците, напротив треба да продолжиме и понатаму да ги унапредуваме, но исто така потенцирам дека сепак ова е единствената држава на македонскиот народ и тој факт треба да се почитува од сите. Национално помирување и обединување преку економски и умерен патриотизам наместо екстремен национализам.
Завршување на преговорите и полноправно членство во ЕУ до 2026 година.
Мора да бидеме мудри и да бидеме ориентирани кон иднината почитувајќи го минатото. Традицијата треба да ја користиме како мудрост, а не како кочница или уште полошо како јаболко на раздор. После овие избори мораме да седнеме заедно, добро да размислиме и да ги поставиме новите стратешки цели. Да сфатиме дека ние сме браќа, а не крвни непријатели. Црвените линии на македонизмот мораме да ги поставиме и почитуваме заедно

Никола Тодоров

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close