Црвенковска: Судиите да судат без страв, ќе направам сѐ да исклучам било какви политички и бизнис влијанија
Судиите да продолжат да работат одговорно, професионално и чесно, ослободени од секакви притисоци и да судат без страв согласно законските прописи, им порача на судиите новата претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска која денеска со 12 гласа „за“, односно едногласно, беше избрана како единствен предлог за претседател.
Црвенковска вети дека таа ќе биде сојузник на судиите во одбрана на нивниот професионален интегритет, професионалните судии ќе ги наградуваат, а ќе ги разрешуваат судиите кои ќе покажат нестручно работење. На граѓаните пак им порача дека ќе направи максимални напори да го подигне интегритетот на судиите, но и довербата во правосудниот систем за кој вели дека има и знаење и капацитет.
Црвенковска е прв претседател кој е избран согласно новиот Закон за судски совет, кој стапи на сила минатата година, а според кој изборот на претседател на Судскиот совет се врши од членовите на советот со право на глас кои се избрани од Собранието. Иако оваа одредба од Законот е оспорена пред Уставниот суд, сепак Црвенковска вели дека денеска му истекувал двегодишниот мандат на досегашниот претседател Киро Здравев и тие морале да одржат седница и да изберат нов, согласно Законот кој е на сила.
Нејзното име се поврзува со поранешниот премиер и министер, Владо Бучковски на кој му била советник, но Црвенковска е категорична дека таа не е избрана политички, туку на оваа функција доаѓа поради нејзината професионалност и личниот морален интегритет, како и нејзината 25-годишна работа во правосудните органи.
Како што објасни, законот предвидува оние членови на Судски совет кои ги избира Собранието, да не бидат од редот на судиите и обвинителите. Нејзиниот претходник, Киро Здравев не присуствуваше на седницата бидејќи бил во изолација.