Црвено-жолтите“ со контрола против Саудиска Арабија
Македонската фудбалска репрезентација ќе одигра контролен натпревар против Саудиска Арабија на 4. септември во рамки на официјалниот ФИФА термин. Дуелот ќе се одигра на стадионот „Викторија“ во Прага, Чешка, со почеток во 17:00 часот.
Контролниот дуел во Прага ќе биде важен тест за нашите најдобри фудбалери и за селекторот Благоја Милевски да ја провери формата пред продолжението на квалификациите за Светското првенство 2026. Само три дена подоцна, на 7 септември, „црвено-жолтите“ ќе го играат натпреварот против Лихтенштајн на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Ова ќе биде трет меѓусебен натпревар помеѓу двете репрезентации. Првиот се одигра на 1. август 2001 година во Ријад и заврши без победник (1:1). Вториот меч беше на 22. октомври 2022 година во Абу Даби, кога Саудиска Арабија славеше со 1:0. За македонскиот тим на тој натпревар настапија фудбалери од домашниот шампионат.