ЦУК: Блокирани патишта, десетици села без струја поради снежните врнежи

Центарот за управување со кризи информира дека сообраќајот кон „Стража“ е блокиран кај „Тајмишка раскрсница“. Патниот правец Ресен-Битола се одвива отежнато поради наноси од снег. Десетици села се без струја, а екипи на ЕВН се на терен

Сообраќајот на патниот правец преку превојот Стража е во прекин поради попречено возило на патот кај „Тајмишка раскрсница“, а на патниот правец Ресен-Битола се одвива отежнато поради наноси од снег, информира Центарот за управување со кризи,

„Регионалниот ЦУК Охрид известува дека поради попречено возило на патот кај ‘Тајмишка раскрсница’ кон превојот Стража во моментот сообраќајот на патниот правец е во прекин, при што се создаваат колони со возила. Екипите на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта работата на терен“ соопшти ЦУК.

АМСМ соопшти дека од 16:15 часот целосно затворен за сообраќај е патниот правец Гостивар-Стража.

Регионалниот ЦУК Битола, пак, известува дека сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола се одвива отежнато поради наноси од снег и дека имало повеќе возила кои се излизгале од патот.

„Екипите на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и на овој патен правец работеле на расчистување на теренот“,додаваат од ЦУК.

ЦУК информира и дека од 16:30 часот патниот правец Крива Паланка – граничен премин „Деве Баир“ е затворен за тешки товарни возила.

ЦУК јавува и за дефекти на електродистрибутивната мрежа на повеќе локации поради врнежите од дожд и снег во државата.

„ЦУК, согласно информациите во Секторот за операции и координација, известува дека поради врнежите од дожд и од снег, што ја зафатија територијата на државата, се јавуваат дефекти на електродистрибутивната мрежа на повеќе локации во државата. Тимовите на ЕВН веќе се ангажирани за отстранување на дефектите за непречено снабдување со електрична енергија во реоните што во моментот се без електрична енергија“ информира ЦУК.

Според информациите на ЦУК, без струја се Скопје Центар, реонот околу „Млин Балкан“, Идадија и улица „9 Мај“, потоа повеќе села во Струмичко, Тетовско, Светиниколско, Кичевски, Дебарско, Гостиварско, како и повеќе села кај Македонски Брод.

Back to top button
Close