ЦУК: По обилните врнежи од дожд, водата во Куманово е неисправна за пиење

По вчерашните обилни врнежи од дожд, Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово алармира водата од кумановскиот водовод да не се користи за пиење поради неисправност.

Дистрибуцијата на вода преку преносниот систем во градот е прекината и ваквата состојба ќе трае до нејзино целосно надминување, односно додека надлежните не потврдат дека водата е исправна за пиење.

Од ЦУК информираат дека утрово од Секторот за операции и координација била побарана координација меѓу институциите заради надминување на, како што се наведува, големиот проблем со водоснабдувањето на градот Куманово.

Како што информираат од ЦУК, вчерашните обилни врнежи од дожд и град во Липковскиот Регион предизвикале зголемување на нивото на Липковска Река, што има влијание на системот за водоснабдување на филтер-станицата на ЈП „Водовод“-Куманово.

„Според информација од одговорното лице на филтер-станицата, се работи за количина од над 10 000 кубни метри заматена вода што влијае на процесот на прочистување и испорака до граѓаните. Од тие причини, во моментот е појавена заматеност на водата во цевководниот преносен систем и е прекината дистрибуцијата до граѓаните, што најверојатно ќе трае во текот на целиот денешен ден, а по потреба, сè до моментот на надминување на состојбата“,се вели во информацијата од Центарот за управување со кризи.

Back to top button
Close