ЦУК: Со поддршка на НАТО, започнуваме проект за модернизација на системот за управување со кризи
Со поддршка на НАТО, Центарот за управување со кризи (ЦУК) започнува повеќегодишен проект кој треба да придонесе за модернизација и изградба на современ и интегриран систем за управување со кризи во земјава.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, го потпиша договорот за реализација на проектот „Интероперабилен систем за командување со инциденти управуван од вештачка интелигенција за прекуграничен одговор при кризни и итни состојби (NICS-2)“, кој се спроведува во рамки на НАТО-програмата „Наука за мир и безбедност“.
Од ЦУК велат дека по многу години, првпат сериозно, со јасна визија и силна меѓународна поддршка, почнува процесот за изградба на современ и интегриран систем за управување со кризи во земјава. Овој проект, како што посочуваат оттаму, е значајно признание за капацитетите и посветеноста на институцијата во областа на управувањето со кризи, како и важен чекор кон модернизација на националните системи за координација, рано предупредување и справување со природни непогоди и вонредни состојби.
„Со имплементацијата на NICS-2 ќе се зајакне меѓуинституционалната интероперабилност, ќе се унапредат капацитетите за донесување одлуки во реално време и ќе се создадат поефикасни механизми за заштита и безбедност на граѓаните. Воедно, проектот претставува значаен придонес кон зајакнување на меѓународната соработка. Преку оваа иницијатива ќе се овозможи поддршка заедно со партнерите од Украина, преку споделување знаења, искуства и најдобри практики во областа на управувањето со кризи и итни состојби“,посочуваат од ЦУК.






