ЦУК со совети за внимателност и заштита од змии

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) упатуваат апел да се внимава при прошетки во природа поради присуство на змии. Оттаму велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати тогаш може да нападнат и да каснат.

Во таков случај, додаваат од ЦУК, граѓаните по укажаната прва самопомош корисно е да се јават на единствениот телефонски број за итни случаи 112 од каде ќе бидат поврзани од итната медицинска служба и ќе добијат совет за понатамошен третман. Особено е важно, велат од ЦУК, граѓаните да добијат медицински третман што поскоро доколку се каснати од змија која е отровна.

Од ЦУК додаваат дека на бројот 112 веќе имало јавувања во кои граѓаните пријавувале дека змии биле забележани во објекти во населени места.

За нивно отстранување не постојат специјализирани институции, туку има физички лица, но и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии и други влекачи од објекти и површини.

Во одредени ситуации, од ЦУК велат дека за отстранување на змии интервенирале и пожарникари, но оти тоа во сезона на пожари не може секогаш да се оствари.

Од ЦУК потсетуваат дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.

Back to top button
Close