ЦУК: Во првата половина од денот активни седум, под контрола три пожари
Вкупно 12 пожари, од кои седум се активни, три се под контрола, а два се изгаснати е билансот од огнените стихии регистрирани во првата половина од денешниот ден, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

И понатаму, според ЦУК, активни се пожарите кај селото Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските Планини каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација, во општина Прилеп кај селото Бешиште и во општина Желино на потегот помеѓу селата Церово и Групчин.
На територијата на општина Македонски Брод активни се четири пожари.
Едниот е помеѓу селата Локвица и Крапа, а мешана шума, сува трева и ниска вегетација се зафатени со оган кај селата Грешница, Латово и Црнешево.
Под контрола, како што информираат од Центарот за управување со кризи, се следните пожари:
- Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани, место викано Радобилски рид (мешана шума и нискостеблеста вегетација);
- Општина Македонски Брод – с. Латово, место викано Маркова Стапалка (грмушки и сува трева);
- Општина Штип – с. Драгоево и с. Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).
Изгаснати се пожарите кај далекуводите во општина Чучер Сандево и кај селото Речица во општина Куманово.