ЦУК за невремето во Скопје: Досега се пристигнати стотина пријави за штети

Главно се работи за паднати дрва, поплавени простории и коловози, одувани кровни конструкции, скинати проводници и други штети

По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои го зафатија Скопје околу 16.50 часот, на телефонските броеви 112 и 195 досега има околу 100-тина пријави за: паднати дрва, поплавени простории и коловози, одувани кровни конструкции, скинати проводници и други штети, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи.

Оттаму велат дека за сите овие пријави известени се ЈП „Водовод и Канализација“, ЈП „Паркови и Зеленило“ и БППЗ.

За паднатите кровови, на ул. „Киро Крстевски“ бр. 3 и „Михаил Чаков“ покрај БППЗ, известени се и општините Кисела Вода и Центар.

Полициски службеници во координација со другите институции им помагаат на граѓаните во Скопје по големото невреме.

На терен вечерва е и полицијата. Се извлекуваат заглавените возила од подвозниците кај хотелот „Александар палас“, кај „Континентал“ и кај стоковна куќа „Мост“.

Интервенира и службата за итна медицинска помош. За МИА информираа дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти засега не се евидентирани посериозно повреди.

Речиси нема населба која не претрпе штети од невремето попладнево, кое предизвика поплави на голем дел од улиците, подвозници, куќи и дворови. Има и искршени гранки и дрва, но и урнати монтажни објекти.

Back to top button
Close