Цвета Ристовска поднесе оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата Цвета Ристовска денеска до претседателот на Собранието Африм Гаши поднесе оставка од функцијата, што МИА ја пренесува интегрално.
ДО СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Г.Африм Гаши, претседател
Почитуван Г. Гаши,
Согласно член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, јас Цвета Ристовска поднесувам оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во прска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера.
Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски.
Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет.
На Државната комисија за спречување на корупцијата й посакувам успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес.
На почетокот на месецов, ДКСК отвори два предмети за нивната колешка Ристовска, за проверка на случаи на судир на интереси и непријавување имот поврзани со Ристовска.
Едниот случај, како што објави Телма, е во врска со фирма на еден од синовите на Ристовска која добивала пари за кампањата за претседателските избори во 2024 година, додека другиот се однесува на наводите дека антикорупционерката во својот анкетен лист не пријавила дека двајцата нејзините синови имаат фирми за маркетинг.
Според јавно достапните документи на кои се повикува Телма, маркетинг-фирмата на едниот син Ристовска добила 35 000 евра од кампањите на претседателските кандидати на изборите во 2024 г., Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ и на Гордана Сиљановска-Давкова која победи на изборите како кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Истата фирма, како што се наведува, добила пари и за локалните избори во 2021 година од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кога Ристовска била помошник државен ревизор.
За потсетување, Ристовска се најде во фокусот на јавноста кога беше известител во ДКСК за предметот со сомнителниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. По нејзиното реферирање на предметот, Антикорупциска се прогласи за ненадлежна да постапува по овој предмет.
Како дополнително спорен момент беше и тоа што Христовски поседува сомнителна диплома од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на кој Ристовска порано била предавач, но од ДКСК, исто така, се прогласија за ненадлежни да вршат експертиза за дипломата.






