Цвијановиќ побара од Претседателството на БиХ да ги разгледа информациите за постоењето воени кампови во РС


Српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ денеска предложи Претседателството на следната седница в понеделник да ја разгледа изјавата на министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез за наводно постоење на паравоени формации и кампови на територијата на Република Српска со цел „обука на луѓе за целите на нивната воена обука“.

Во образложението упатено до бошњачките и хрватските членови на Претседателството на БиХ, Цвијановиќ наведува дека министерот за одбрана рекол дека „тие лица се обучуваат од одредени инструктори од Руската Федерација, а споменатите активности се вршат под покровителство на Министерство за внатрешни работи на Република Српска“.

Хелез изјави дека камповите за обука се наоѓаат на територијата на општина Рогатица и на планината Маглиќ, Цвијановиќ оцени дека тие места не се „јасно прецизирани“, а на тоа следеше демант на локалните политички функционери.

Бидејќи таа информација „предизвика оправдана јавна вознемиреност на територијата на Босна и Херцеговина“ и затоа што „следи информација од одредени странски разузнавачки служби за постоење на терористички ќелии на територијата на Босна и Херцеговина“, Цвијановиќ смета дека Претседателството на Босна и Херцеговина за ова треба да побара информација од министерот за одбрана и надлежните институции.

Таа посочи дека Претседателството има уставна и законска обврска, но и политичка и општествена одговорност да заземе став по ова прашање, со цел да се утврди фактичката состојба и да се добијат вистинити и прецизни информации.

Back to top button
Close