Д-р Александар Мицковски: Поврзаноста со пушењето е докажана кај три малигни заболувања, едно е рак на мочниот меур
Докази за поврзаноста со пушењето има кај три малигни заболувања – ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур и мочните патишта, вели доктор Александар Мицковски, специјалист по урологија, во интервју за МИА.

– Ако зборуваме за малигните болести, исто така е докажана поврзаноста и штетното влијание на пушењето. Дури изолирана е и супстанцијата која е дел од цигарите, од никотинот, која е активатор на тие малигни заболувања, тоa е бензопиренот. И сигурно е докажано кај три малигни болести дека има директната поврзаност со тој агент. Тоа се, пред сè, ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур, меѓутоа и на мочните патишта, затоа што уринарниот тракт по цела своја должина има ист тип на слузница, нагласува Мицковски.
За пациенти што имаат рак на мочниот меур и мочните патишта, вели дека доколку тие не престанат да пушат, а во меѓувреме им е подобрена здравствената состојба, таа потворно може да се влоши.
– На пример, ако сте оперирале мочен меур на десната страна, ќе се повтори на спротивната страна. И тука таа стапка не е мала, туку е 25 проценти. Односно, кај секој четврти што сме го оперирале, очекуваме уште еднаш во животот да се повтори овој агресивен тумор. Кај овие пациенти, препораката, освен да прекинат да пушат, е и да прекинат пасивно да пушат. И затоа го поддржуваме ова законско решение. Затоа што, ако во куќата има пушач, тој не смее дома да пуши, мора надвор. А за рестораните уште повеќе, порачува доктор Мицковски.
Смета дека нема медицински работник што нема да застане зад предлог-законот за заштита од пушење бидејќи, како што вели, последиците од пушењето се далекосежни.
Ракот на простатата, според статистиките, е на второ место по смртност кај машката популација, од кој кај нас годишно во просек заболуваат 70-ина нови пациенти.
Докажано е, нагласува, дека простатата почнува да расте по 40-тата година, но она што е типично само за овој тип на тумор е дека нема свои специфични симптоми. Симптомите од бенигното зголемување, од самиот раст на простатата, се исти со оние ако во таа простата има и малигни клетки. Симптомите и во бенигните и во малигните случаи се делат на две групи: опструктивни и иритативни. Појаснува дека опструктивните значат потешко мокрење, напнување за мокрење, заостанување урина, капење на урината, немање силен млаз, осцилации во млазот, кои кај поексплицитните случаи доведува и до капење урина. Се појавува и чувство на постојана болка во стомакот затоа што урината заостанува. Иритативните се почесто мокрење, станување ноќе, но и неможност да се извршуваат секојдевните обврски поради постојаната потреба од мокрење.
Ракот на простатата не се забележува на ехо. Без разлика колкава е вредноста на ПСА-маркерот како лабораториски скрининг, на ехо-прегледот простатата изгледа еднакво, иако може да има разни вредности. Затоа, доколку има некакви сомневања или индикации, потребно е да се направи магнетна резонанција.
– За да ја индицираме, претходно има други постапки, покрај ехо, лабораторија, ректален преглед на простатата. До неодамна немавме начин да видиме дали во таа простата што сме ја виделе сме измериле волумен, позиција, начин како мокри пациентот, но тоа сега го мериме, има апарат со сензори, кој мери со која брзина мокриме и црта дијаграм, дали мокриме хомогено, мазно или е тоа испрекинато како пила, еве да кажеме, така го опишуваат. Меѓутоа, немавме можност да видиме дали во таа простата се случува нешто што не треба. Сега тоа го овозможува оваа напредна мултипараметарска магнетна резонанција, посочува Мицковски






