Д-р Баловски и д-р Стевановиќ во „360 Степени“ со апел до колегите од другите градови за повеќе храброст во справувањето со пациентите со Ковид-19

Пулмологот од ГОБ „8 Септември“, д-р Марјан Баловски и директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ во дебата на „360 Степени“ упатија апел до колегите од другите градови во инфектолошки служби и во регионалните центри за справување со Ковид-19.

„Таму има врвни интернисти и врвни анестезиолози. Можеби нашата болница има капацитет, но кадарот, верувајте, 4 месеци е во борба со овој вирус, нашите ресурси не се неограничени со човечки фактор. Апелирам, бидејќи се врвни анестезиолозите во регионалните центри во Штип, во Битола, да се справуваат со пациентите со тешка клиничка слика бидејќи кога доаѓаат во нашиот ургентен центар, уште од матичната установа со една тешка клиничка слика, со ниска кислородна сатурација, дополнително оној неколкучасовен транспорт додека дојдат во болницата, и тоа како ја влошува состојбата на пациентите и мора веднаш да се применат агресивни мерки со цел да се сочува нивниот живот. Затоа апелирам до вклучување бидејќи новите моменти кои се случија во последниот месец, новите предизвици бараат нови решенија. Она што во почетокот беше планирано и каде добро се справувавме заедно со Инфективната клиника, веќе бара нови решенија“, вели д-р Баловски.

Кон апелот се придружи и д-р Стевановиќ.

„Она што е мое согледување во комуникацијата со колегите, пред се, инфектолози во државата, можам да кажам дека како никогаш до сега вака интензивно се немаат вклучено сите инфектолошки служби на располагање, како Велес, Куманово, Прилеп, Битола, Охрид, Тетово, значи навистина сите работат со полна пареа и згрижуваат се што можат да згрижат до максимум. Меѓутоа, се согласувам во еден дел со колегата дека можеби малку повеќе и храброст треба, но и поголема поддршка од колегите интернисти со кои соработуваат во своите болници. Не е ова критика, да не бидам погрешно сфатена, не би сакала. Ова е апел“, вели д-р Стевановиќ.

Back to top button
Close