Д-р Беќаровски: Последиците што ги остава ковид-19 се катастрофални

Не е само да се излечи вирусот, последиците кои ги остава се карастрофални. Во моментов во државата доминира стомачен вирус, клиниките се преплавени со таа патологија. Ситуацијата со ковидот е смирена, но тој не е комплетно загубен, вели професор д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија за емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

– Кај пост-ковид синдромот нема орган којшто не е зафатен и врз кој нема краткотрајни или долготрајни последици.

Секако, најголем процент од зафатеноста е врз белите дробови. Вирусот проаѓа, но тоа ткиво не може да се врати комплетно во нормалата и кај голем процент од пациентите нема да се врати потполно. Ако претходно сме имале 100 проценти витален капацитет, зависно од оштетувањата, тој капацитет е намален. Човек којшто не може да внесе доволно кислород, полесно се заморува, потешко дише итн.

Исто така, кај голем број од пациентите имаше воспаление на срцевиот мускул. Оние коишто прележаа ковид-19 имаа проблем со регулација на шеќерот – ако претходно било доволно 12, 16, или 18 единици да се регулираа шеќерот, сега се потребни многу повисоки дози.

Има студии коишто докажаа дека кај пациенти коишто прележаа ковид, бројот на активни сперматозоди е намален петкратно. Ако претходно имале милион, сега имаат 200 илјади, објасни д-р Беќаровски.

Back to top button
Close