Д-р Грозданова: Комбинирање на различни вакцини против ковид дава посилен имунолошки одговор

Во однос на комбинирањето на вакцината за заштита од ковид-19 и онаа за заштита од сезонски грип, д-р Грозданова даде препорака дека може двете да се примат во ист ден, или на временско растојание од две недели

Комбинирањето на вакцините против ковид покажува дека дава поголем процент на имунолошки одговор, вели проф.д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.

„Во однос на комбинирање на вакцините кое се јавува како прашање и од аспект на безбедност и на ефикасност, давањето на различна прва во однос на втора доза или различна буст доза дава можен поширок имунолошки одговор и појак бустер ефект. Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на ‘Астра Зенека’ и ‘Фајзер’, комбинирање на ‘Астра Зенека’ со ‘Спутник’, како и комбинација на ‘Фајзер’ со ‘Џонсон и Џонсон’. Вакви искуства веќе имаат и Канада, Франција, Данска, Норвешка, Данска, Шведска кои заради забраната за давање на ‘Астра Зенека’ на помлади, по примена прва доза од оваа вакцина како втора даваа ‘Фајзер’ или ‘Модерна’“,рече д-р Грозданова на неделната онлајн дискусија организирана во Лекарска комора.

Според неа, во светот сè уште постои голем интерес за производство на вакцини кои штитат од ковид-19. Во моментов има 185 вакцини кои се во пред клиничка фаза, 40 се во различни фази на клиничко испитување, 21 вакцина се достапни во светот од кои само 8 имаат добиено одобрение за пуштање во употреба.

„Според студиите објавени во стручни списанија со голем импакт фактор ‘Lanset’ и ‘The new England journal of medicine’ пред појавата на делта сојот, ‘Фајзер’ и ‘Модерна’ покажуваат од 87% до 100% заштита од симптоматски ковид-19 и од 80% до 93% заштита од асимптоматска инфекција. ‘Астра Зенека’ во студии во Велика Британија покажала ефикасност од 60% во заштита од симптоматска инфекција и 70,4% заштитата од симптоматска инфекција од британскиот сој. ‘Спутник’ во студии направени во Русија покажува 97,6% заштитата од инфекција, додека ‘Синофарм’ според студии во ОАЕ и Бахреин покажува ефективност од над 90%“,рече д-р Грозданова.

Back to top button
Close