Д-р Кунгуловски: Британскиот сој на коронавирусот веројатно ќе стане доминантен

– Треба да бидеме внимателни, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас, дека поради неговите веќе откриени особености најверојатно ќе стане се подоминантен и да бидеме во постојан мониторинг со воведување нови методологии. Се надевам дека многу лесно ќе биде да се имплементираат вакви методологии и во другите лаборатории. Потребна е само меѓусебна комуникација меѓу лабораториите со сите релевантни институции за методологија која ги селектира тие суспектни изолати за новиот британски сој кои би се детектирале со таков пристап.

Ова денеска го изјави д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“, кој рече дека препораката од СЗО и Европскиот центар за контрола на заразни болести е барем пет отсто од сите позитивни изолати да се секвенционираат со цел утврдување на промената на соевите, а тоа ќе биде релевантно за самите стратегии за сузбивање на пандемијата, на пример дали ќе треба да се преземат порестриктивни мерки, бидејќи многу полесно се пренесува, дали ќе има влијание врз ефикасноста на вакцините.

– За неколку месеци овој британски сој, бидејќи многу полесно се пренесува од претходните соеви, ќе стане доминантен и во државава и во многу земји. Овој вирус еволуира многу побавно и најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина. Се смета дека се пренесува за 70 отсто побрзо од претходните соеви, односно доколку требало да се заразат десет луѓе ќе се заразат 17 луѓе. Иницијално излегоа податоци дека нема влијание врз смртните исходи, но сега излегуваат податоци за кои треба да се направат и подетални студии, не сакаме да креваме паника, има некои индикатори дека благо е зголемена и смртноста за 30 отсто. Но, за тоа да стане факт треба подетални студии кои ќе бидат рецензирани од експерти за да се излезе со таа информација, посочи д-р Кунгуловски.

Тој рече дека засега податоците покажуваат оти новите соеви немаат поголемо влијание врз ефикасноста на вакцините, барем на RNK вакцините. Затоа, појасни, треба да бидеме во еден постојан мониторинг и во една постојана фаза на внимателност.

Back to top button
Close