Д-р Пановски: Глодарите во моментот имаат „достапна храна во изобилство“, нема да чекаат втор круг на избори

Микробиологот д-р Никола Пановски предупреди дека поради наталожениот смет и застојот во чистењето на градот, Скопје се соочува со сериозен ризик од масовно размножување на глодари и можни заразни болести.

„Вториот круг, заедно со рокот на жалби и предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9 ноември 2025 година. За 18 дена стаорците, па и глувците, може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите,“ напиша Пановски во објава на Фејсбук

Тој објасни дека глодарите во моментот имаат „достапна храна во изобилство“ и дека веќе излегуваат „од подрумите и канализацијата“, каде што се хранат и оплодуваат.

„За еден месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи, и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и, барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат, ќе ни влезат дома. За болестите кои можат директно или индиректно да ги пренесат, прочитајте детално на постот кај колегата Ивица Апостолов – многу точно и коректно напишано,“ додаде тој и посочи:

„Значи, апелирам до Владата – прогласете вонредна состојба, сметот почнете да го чистите веднаш! МЗ, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство – што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа.“

Тој остро ги прозва и стручните служби кои, според него, молчат наместо да бараат акција:

„Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари – каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа. Аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат – излезете на улица,“ завршува Пановски.

Back to top button
Close