Д-р Стевановиќ и д-р Баловски: Не е срамота да се разболиш, срамота е да криеш дека си болен и да организираш прослави

Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ и пулмологот од ГОБ „8 Септември“, д-р Марјан Баловски во дебата на „360 Степени“ упатија апел до граѓаните за тоа како можат да им помогнат во справување со Ковид-19.

„Во моето 22-годишно искуство како бел мантил имам искусено професионално дека во нашава држава, најмногу е срамота да се биде болен од нешто. И тоа не смее да биде така. Значи, од болест никој не смее да се срами. Болест е состојба, се надевам привремена, а иако е хронична, која мора да се лекува, да се држи под контрола, да се максимализира квалитетот на живот а тоа ние можеме да го обезбедиме како лекари, секој во својата бранша. Граѓаните треба навреме да ги бараат матичните лекари, да се тестираат и да доаѓаат кај нас на време. Толку е едноставна заштитата, само малку ако се потрудиме нема да има нови пациенти. Уморни сме. Би било неодговорни да кажеме – не, никој не е уморен, сите сме тамам, одиме понатаму. Не, уморни сме. Но, професионалци сме и пред нас е една цел. Луѓе оставиле фамилии, дошле да помагаат, сите се трудиме максимумот да го направиме за пациентите и тоа треба да се почитува. Единствена цел ни е болката која оваа болест ја продуцира на секое ниво ја минимизираме, ланецот да го прекинеме“, вели д-р Стевановиќ.

На овој коментар се надоврза и нејзиниот колега д-р Марјан Баловски.

„Срамота не е да се разболеме од било која болест, ниту пак од болеста Ковид-19. Срамота е да не ги почитуваме мерките на коишто упорно инсистираме многу месеци наназад. Срамота е кога знам дека сум болен па ќе скријам од пријателот, другарот со којшто сум бил во контакт. Срамота е кога знаејќи дека сум болен истовремено организирам некоја прослава, веридба, крштевка, свадба, мекици или било што друго. А не е срамота да ги почитувам мерките и не е срамота да се однесувам човечно со цел да оневозможам понатамошно ширење на болеста“, вели д-р Баловски.

Back to top button
Close