Д-р Тодоровска за МИА: Меланомот е во пораст, најмладата моја пациентка имаше 22 години, рано откривање води кон излекување

Во пораст е бројот на заболени од меланом, најопасниот рак на кожа. Може да се јави на која било возраст, и е најчеста причина за смрт кај лица на возраст под 30 години, особено жени. Најмладиот пациент со меланом во мојата пракса е девојка на 22-годишна возраст, и речиси третина од новооткриените меланоми се на возраст под 45 години. Изгорениците од сонце се главна причина за појава на меланомот, заедно со генетиката. Треба да се направи превентивен преглед барем еднаш во годината, вели во интервју за МИА специјалист дерматовенеролог и национална претставничка во Интернационалното дермоскопско здружение, д-р Верче Тодоровска од ПЗУ „Дерма Нова“.

Со дополнителна меѓународна едукација од областа на дерматоонкологија таа повеќе од 15 години работи на превенција и рано откривање на ракот на кожата, предавач е на повеќе регионални и интернационални конгреси и коавтор на книги за дермоскопија и научни студии од областа на дерматоонкологијата. Од 2016 редовно учествува во паневропската кампања за бесплатни прегледи, Еуромеланома. Неколку пати годишно врши бесплатни дермоскопски прегледи за рано откривање рак на кожа кај повозрасните во домовите за стари лица. Нејзиното мото е „Секој месец е месец за борба против ракот на кожа, единствениот канцер кој може да се превенира во 90 отсто од случаите, а доколку рано се открие може и речиси потполно да се излекува“!

Доктор Тодоровска истакнува дека една потешка изгореница од сонце носи двојно поголем ризик за меланом, дури и само една посета на солариум го зголемува ризикот за 75 отсто. Продолжената УВ радијација, нагласува таа, е докажана причина за карциномите на кожа, а УВ зраците се потврден карциноген, класифицирани во група 1 заедно со цигарите и плутониумот.-Ракот на кожа доколку не се отстрани на време, може да метастазира низ целото тело и да го загрози животот. Секој човек треба еднаш во годината да направи превентивен преглед, таканаречен скрининг за рак на кожа, исто како што правиме скрининг за рак на дојка со ехо преглед и мамографија, ПАП за рано откривање рак на грло на матка итн. Само раното откривање гарантира позитивен исход и дури и комплетно излекување. Прегледот е безбеден, брз и безболен, и не бара посебна подготовка, а се изведува со помош на дермоскоп, еден вид рачен микроскоп, истакнува д-р Тодоровска.

Таа вели дека треба да се направи дермоскопија доколку се забележи каква било примена на изгледот на бенките. Дури и кога нема ништо необично, посочува докторката, треба да се направи превентивен преглед барем еднаш во годината. Препорачува прегледи на кожата да бидат вклучени во систематските прегледи на вработените во институциите и компаниите.

Во врска со појава на алергија на кожа по изложување на сонце потенцира дека неопходна е употреба на антихистаминик, бета каротен и полиподиум леукотомос, како подготовка пред заминување на одмор.

-Заштитата од сонце треба да вклучи користење специјални средства наменети за кожа склона кон алергија (минерални филтри и додатоци за намалување на реактивноста на кожата). Избегнување на времето со највисока инсолација е од голема помош, како и постепеното изложување на сонце, на почеток на одморот пократки интервали и нивно постепено продолжување. Локално нанесување на смирувачки средства, како алое вера гел или специјалните средства наменети за после сончање, исто така, помагаат за побрзо опоравување на кожата, истакнува д-р Тодоровска.

Според неа, само 10 до 15 минути дневно неколку дена во неделата и изложеност на 15 отсто од телото на сончевите зраци е доволно време за кожата да го синтетизира потребното количество на витамин Д без да изгори!

Во врска со тоа дали има современ ефикасен третман за кожните заболувања, меѓу кои е и витилигото, таа вели дека тие лица треба задолжително да ја заштитуваат избелената кожа со висок СПФ, бидејќи таа нема меланоцити, клетки одговорни за нашиот тен и за заштита од УВ зраците. – Најновиот лек за витилиго во форма на крема е одобрен од ФДА во 2022 година, додава д-р Тодоровска.

Долготрајното изложување на сонце, а особено во летниот период е опасно по здравјето и може да ги зголеми шансите за рак на кожата. Дали има нова генерација лекови во светски рамки и кај нас?

Продолжената УВ радијација е докажана причина за карциномите на кожа. УВ зраците се потврден карциноген, класифицирани во група 1 заедно со цигарите и плутониумот. Глобалните климатски фактори, озонската дупка, загадувањето на воздухот се фактори кои доведоа до драстично зголемување на количеството на УВ зраци на кои сме секојдневно изложени, а со тоа и до зголемена појава на нови случаи.

Постојат три типа рак на кожа – базоцелуларен карцином, планоцелуларен карцином и меланом. Повремено, но интензивно сончање, како и сончеви изгореници, особено во раното детство го зголемува ризикот за појава на меланом, додека пак, продолженото прекумерно изложување на сончевите зраци е одговорно за појава на немеланомски кожни карциноми, базоцелуларен карцином и сквамоцелуларен карцином. Базоцелуларниот карцином е најчестиот тип со најдобра прогноза, бидејќи речиси и да не метастазира, потоа следи сквамоцелуларниот, кој носи извесен ризик за локални метастази, а најреткиот, но најопасен е меланомот, одговорен за најголемиот број смртни случаи предизвикани од кожен рак, поради брзото метастазирање и ширење во виталните органи.

Ракот на кожа не е само болест на кожата, тој е ист како и сите други, подмолна малигна болест, која доколку не се отстрани на време, може да метастазира низ целото тело и да го загрози животот. Раното откривање и отстранување со амбулантна хируршка интервенција, во локална анестезија е единствена гаранција за добра прогноза и шанса за речиси комплетно излекување.

Кога ќе се појават метастази, лекувањето вклучува имунолошка терапија, која се применува од 2011 година, и е достапна и кај нас, како имунотерапија и таргет терапија, и е во домен на онколошката специјалност.

 

На колку време треба да се направи превентивен преглед за рано откривање рак на кожата, што опфаќа тој преглед и кои се причините за појава на ова заболување?

Секој човек треба еднаш во годината да направи превентивен преглед, таканаречен скрининг за рак на кожа, исто како што правиме скрининг за рак на дојка со ехо преглед и мамографија, ПАП за рано откривање рак на грло на матка итн. Само раното откривање гарантира позитивен исход и дури и комплетно излекување. Моја препорака е и прегледите на кожата да бидат вклучени во систематските прегледи на вработените во институциите и компаниите.

 

Прегледот е безбеден, брз и безболен, и не бара посебна подготовка. Се изведува со помош на дермоскоп, еден вид рачен микроскоп, кој се поставува на површината на кожата и се набљудуваат дермоскопските структури 1 до 2 мм под површината на кожата, структури кои не се видливи со голо око ниту со лупа, (обично зголемувачко стакло за полесна проценка на промени кои се наоѓаат на површината на кожата).

Прегледот со дермоскоп секогаш треба да ја опфати целата кожа, не само откриените делови изложени на сонце, не само големите испакнати бенки или оние кои ги посочува пациентот, бидејќи меланомот може да се појави на кој било дел од кожата дури и под ноктите и под косата, на интимните делови, на стапалата и на дланките, може да биде со темна боја, но и сосема безбоен, во ниво на кожата или издигнат.

Изгорениците од сонце се главна причина за појава на меланомот, заедно со генетиката. Една потешка изгореница од сонце носи двојно поголем ризик за меланом, дури и само една посета на солариум го зголемува ризикот за 75 отсто.

Во пораст е бројот на заболени од меланом. Ова не е болест само на постарите, може да се јави на која било возраст, и е најчеста причина за смрт кај лица на возраст под 30 години, особено жени. Најмладиот пациент со меланом во мојата пракса е девојка на 22 годишна возраст, и речиси третина од новооткриените меланоми се на возраст под 45 години!

 

Се поголем број луѓе по изложување на сонце имаат алергија на кожата на врат, раце, нозе….Зошто се случува тоа, што да преземат тие луѓе и дали со витамински препарати неколку месеци пред изложување на сонце за време на одмор, може да се влијае таа да се намали?  

Вистинскиот назив е полиморфна светлосна ерупција, појава на осип најчесто на подлактиците, вратот и деколтето, што се јавува секое лето при првото поинтензивно изложување на сонце. Кај секого се манифестира на различен начин, со појава на уртики, црвени точки или ситни брунчиња, кои интензивно чешаат.

Употребата на антихистаминик, бета каротен и полиподиум леукотомос, како подготовка пред заминување на одмор помага во намалување на симптомите и поскоро нормализирање на состојбата. Заштитата од сонце треба да вклучи користење специјални средства наменети за кожа склона кон алергија (минерални филтри и додатоци за намалување на реактивноста на кожата). Избегнување на времето со највисока инсолација е од голема помош, како и постепеното изложување на сонце, на почеток на одморот пократки интервали и нивно постепено продолжување. Локално нанесување на смирувачки средства, како алое вера гел или специјалните средства наменети за после сончање, исто така, помагаат за побрзо опоравување на кожата.

 

Колку време дневно и во кој период е потребно телото да биде изложено на сонце за да се создаде соодветно ниво на витамин Д во кожата, кое се намалува со текот на годините?

Само 10 до 15 минути дневно неколку дена во неделата и изложеност на 15 отсто од телото на сончевите зраци е доволно време за кожата да го синтетизира потребното количество на витамин Д без да изгори! Доколку и покрај тоа имате ниско ниво на витамин Д разговарајте со вашиот доктор за суплементација. Претерана незаштитена експозиција на сонце, нема да го зголеми нивото на витамин Д, само ризикот од изгореници и рак на кожа.

 

По изложување на сонце кај некои луѓе се појавуваат дамки. На кој начин тие можат да се избелат?

Хиперпигментациите и мелазмата се многу честа проблематика која станува поназначена во летните месеци. Основна препорака во овој период е користење висок заштитен фактор наменет за кожа склона кон пигментации, кој ќе го стопира натамошното нагласување на дамките. Бидејќи сината светлина е еден од провокативните фактори за одржување на темните дамки, а на која постојано сме изложени од мониторите и екраните, неопходно е користење заштитна крема, која содржи и железен оксид, односно фактор во боја, кој штити од сина светлина. Избелувањето се спроведува во зимските месеци, со помош на различни препарати за локална употреба, како витамин Ц, арбутин, коџикова и транексамична, азелаична киселина, резорцин, ретиноиди… Третманот го одредува дерматологот зависно од спецификите на самата кожа. Но, најважно за успех на третманот, е секојдневна употреба на СПФ од минимум 30 преку целата година, односно при секое изложување на сонце.

Што е неопходно да се направи при какви било промени на изгледот на бенките? Што е она што треба да биде предупредување и мотив за консултација со дерматолог кој ќе направи дермоскопија?

Треба да се направи дермоскопија доколку се забележи бенка која не личи на ниту една друга, таканаречен знак на „грдото пајче“, нова бенка, која, расте или постоечка бенка која се менува, ја губи бојата или добива нови бои црна, црвена, сива, бела, појава на каков било нов придружен симптом – чешање, болка, крварење, темна, сјајна, црна бенка, во друштво на светло кафени бенки и бенка во ризична регија-нозете кај жените и грбот кај мажите, која се менува.

Нова бенка по 45-тата година, најверојатно само личи на бенка, бидејќи на оваа возраст не се јавуваат нови бенки, најголемиот број од нашите бенки ги добиваме во периодот на раното детство и младоста. Каква било нова промена на кожата која се појавува, особено после 50-тата, треба да се прегледа со дермоскоп, за да се дијагностицира дали е бенигна (соларно лентиго, себороична кератоза, папилом, бениген тумор) или малигна промена, рак на кожа. Повредена бенка која крвари неопходно е да се провери, бидејќи и меланомот во одреден стадиум од својот развој може да крвари дури и без повреда.

Дури и кога нема ништо необично, треба да се направи превентивен преглед барем еднаш во годината. Меланомот понекогаш не ги следи правилата, Најсигурен метод за негово откривање е дермоскопскиот преглед, преглед кој може да спаси живот!

Има ли современ ефикасен третман за кожните заболувања, меѓу кои е и витилигото?

Дерматологијата е медицинска гранка која се занимава со дијагностика и третман на повеќе од 3000 заболувања. Терапијата секогаш треба да биде прилагодена на самиот пациент, регијата која се третира и моменталната клиничка слика која знае да варира од случај до случај. Препишувањето на магистрални лекови, кои се подготвуваат во аптека по рецептура од дерматологот токму тоа го овозможува, персонализирана терапија која дава и најдобри резултати, бидејќи е прилагодена на индивидуалните потреби на секој пациент, поединечно.

Витилигото често првпат се дијагностицира во летните месеци, бидејќи станува повидливо, полесно се забележува, особено кај лицата со посветол тен, бидејќи кожата без пигмент останува сосем бела во контраст со здравата исончана кожа. Прегледот со дермоскоп кој има и Вудово светло помага во поставувањето на дијагнозата. Лицата со витилиго треба задолжително да ја заштитуваат избелената кожа со висок СПФ, бидејќи таа нема меланоцити, клетки одговорни за нашиот тен и за заштита од УВ зраците. Најновиот лек за витилиго во форма на крема е одобрен од ФДА во 2022 година.

Дали е вистина дека некои антибиотици и други видови лекови може да ги направат луѓето да бидат почувствителни на сонце, особено тие кои имаат посветол тен?

Точно е, се работи за фотосензитивност, што ја предизвикуваат одредени лекови и ја прават кожата пречувствителна на сончевите зраци, доведувајќи до појава на осип или изгореници, ограничени само на деловите кои биле изложени на сонце.. Доколку дојде до ваква реакција се препорачува престанок на земање на лекот и избегнување на изложување на сонце. Листата на вакви лекови е мошне долга и вклучува различни групи на лекови – антибиотици (доксициклин, тетрациклин, ципрофлоксацин, сулфонамиди), антиаритмици (амиодарон, нифедипин, хинидин, дилтиазем), диуретици (фуросемид, хидрохлортиазид), аналгетици (напроксен), лекови за лекување акни (изотретионоин), некои антипсихотици (хлорпромазин) и антидепресиви (имипрамин, сертралин). Советувајте се со својот матичен лекар доколку заминувате на годишен одмор, а користите некои од овие групи на лекови.

Мошне почести се случаите на таканаречен фитофотодерматитис, кога кожата што била во допир со одредени растенија кои содржат фурокумарини, добива изгореница, а потоа и назначен пигмент со бизарна форма и остри граници, само на местото на контактот. Вакви растенија се смоквата, лиметата, целерот, магдоносот. Маргарита дерматитис е актуелен во летните месеци, бидејќи во подготовката на овој популарен коктел се користи лимета. Темелно измијте ги рацете после контакт со овие материи, особено ако сте изложени на сонце.

 

Колку исхраната и пиењето вода влијаат да се има здрава и убава кожа?

Здравата исхрана и оптималната хидратација се особено важни за општото здравје, а со тоа и за кожата, која е огледало на нашето здравје. Практикување здрави навики, како и соодветна заштита од сонцето, престанок на пушење, редовно вежбање кое води и до редовен сон, управување со стресот, избалансирана исхрана богата со антиоксиданти, витамини, минерали и есенцијални масти, и добри навики за континуирана, правилна секојдневна нега на кожата се есенцијални за здрава и убава кожа на која било возраст.

 

Фото: Дарко Попов

Back to top button
Close