Д-р Трпчевски откри редок случај: Жена на 58 години остана бремена со тројка по ин витро оплодување

Редок и исклучително комплексен медицински случај објави Болницата „Плодност“, откако пациентка на 58-годишна возраст останала бремена со тројка по постапка на ин витро оплодување.

Според информациите што ги сподели д-р Таше Трпчевски, станува збор за пациентка од Србија која била во менопауза пет години. По соодветна подготовка на ендометриумот и со користење донорски јајце-клетки и семен материјал од нејзиниот сопруг, биле создадени три бластоцисти кои биле вратени при ембриотрансфер.

Сите три ембриони успешно се имплантирале, а ултразвучниот преглед потврдил тројна бременост. Во моментов пациентката е во деветтата гестациска недела и, според докторот, сите плодови се витални.

Д-р Трпчевски посочи дека ова бил трет обид за ин витро оплодување. Тој нагласи дека станува збор за високоризична бременост која бара внимателно следење и мултидисциплинарен пристап.

Поради возраста на пациентката, лекарскиот тим препорачал редукција на еден или два ембриона за да се намалат ризиците за мајката и плодовите. Според неговите информации, пациентката планира понатамошните одлуки и медицински процедури да ги реализира во Србија.

„Доколку пациентката одлучи да ги износи и роди сите три бебиња на 58-годишна возраст, тоа навистина би бил исклучително редок случај“, изјави д-р Трпчевски.

Од болницата наведуваат дека случајот претставува пример за можностите на современата репродуктивна медицина, но истовремено и за предизвиците што ги носат бременостите во подоцнежните години од животот.

Back to top button
Close