Да бидеме реални, невозможното нема да се случи

Веќе навикнавме дека штом слушнеме засилена активност на Европејците кон Западниот Балкан – Олаф Шолц ќе прави јунска турнеја низ регионот, Емануел Макрон ги свикува регионалните лидери во Париз кон половината на идниот месец, функционерите на Европската Комисија се растрчани по Твитер и низ овдешнава географија за средби на поддршка (и јадење ќебапи) за балканската интеграција во Унијата, европските пратеници со големо мнозинство усвојуваат заклучоци за „итно проширување“ и сл. – веднаш почнуваат да нѐ фаќаат евро-морници по грбот… Тоа одамна е сигурен знак дека нема да има ништо од европската интеграција на Балканот ни во овој турнус од европските празни ветувања за ширењето на ЕУ кон својот континентален југ. Напротив, со најавите за реформирање на самата Унија – идеите за „Европската политичка заедница“ на Емануел Макрон, „Европската геополитичка заедница“ на Шарл Мишел итн. – балканската кандидатска интеграција си останува на „слепиот колосек“ на европската агенда.

Паралелно со тоа се зацврстуваат антимакедонските ставови на Софија кон Скопје, а и обратно, ако не на официјално, тогаш сигурно на граѓанско ниво. Сега веќе е извесно дека договор меѓу Македонија и Бугарија нема, па шансите за нашата евро-интеграција се минимални и главно се темелат врз воопштените очекувања дека некакви евро-американски „дипломатски притисоци“ врз Софија за повлекување на ветото ќе вродат со плод. Најверојатно нема.

Всушност, промената на „форматот“ и интензитетот на билатералните разговори со доаѓањето на Ковачевски и Петков на чело на владите ќе се покаже како пропаднат експеримент, без разлика на исправноста и искреноста во нивните намери. А, и двајцата немаат политички капацитет и моќ во сопствените средини лидерски да направат пробив во „позициите“ на македонската и бугарската страна. Ќе остане тој спор да го решаваат некакви идни општествено-политички елити во двете земји, но за догледна иднина тоа што ваквото „иновативно“ искуство го направи може да има и барем краткорочни негативни ефекти во, всушност, зацврстувањето на конзервативните, националистички пристапи кон постигнувањето договор, особено на страна на Бугарија. Бидејќи од таму, сепак, се очекуваше критичното „поместување“ во позициите кон Македонија, барем во дипломатска „технолошка“ смисла, процесот да напредне со симнување на ветото, макар и со ширење на контекстот на „дијалогот“ за спорните прашања. Тоа не само што не се случува, туку ригидните позиции на претседателот Радев (сфатен како „метафора“ за шарениот блок бугарски националисти) во целиот спор станаа уште подоминантни на тамошната политичка сцена. Со тие внатрешно-политички феномени, во кои доминираат и нивните компликувани односи со Русија, ќе си се занимаваат Бугарите во годините што доаѓаат.

Што да прават сега македонските политичари, особено овие од власта, откако вложија значителна енергија, ресурси и сопствен кредибилитет во пропаднатото „иновирање“ на процесот со Бугарија? Тоа за нив не е некакво апстрактно прашање лоцирано во недефинирани временски рамки како што ЕУ со децении го третира интегрирањето на Западен Балкан во Унијата, туку прашање за политички опстанок на следните избори, кога и да се случат тие.

Она што следува, а што може да се детектира и од некои првични најави од самиот премиер Ковачевски, ќе биде постепеното „ладење“ на „прегреаната“ евро-интегративна агенда на државава. Таа агенда, на домашен план, веќе направи значителни политички штети, што се чита и од големото опаѓање на интересот и поддршката на јавноста за ЕУ. Политиката кон Бугарија и ЕУ беа и еден од главните фактори – има и други – за „пензионирањето“ на Заев од политиката, па продолжувањето во таа насока, после сѐ, ќе значи само дополнително губење гласови дома.

Целата колумна на Сашо Ордановски на Цивил медиа. мк

Back to top button
Close