„Да чекориме заедно со љубов и чест кон нашите деца, обединети во маршот за правда – за никогаш да не се повтори.“Пет месеци од трагедијата во „Пулс“,

Утре, 16 август, ќе се одржи 18-тиот „Марш на ангелите“, во чест на 62-та млади животи изгубени во пожарот во клубот „Пулс“ пред точно пет месеци. Настанот ќе започне во 18:05 часот – симболично време што, според здружението на родителите, ја претставува доцната и фатална институционална реакција во ноќта на трагедијата.

Мајката на загинатиот Андреј, Марија Панова, преку силна и емотивна објава на социјалните мрежи, се потсети на своето дете и упати повик до јавноста: „За мојот најмил Андреј. Утре се навршуваат пет месеци откако мојата душа е осиромашена, откако секој ден болката станува поголема без тебе — мој вечен и непреболен сине. Пет месеци празнина во моето срце. Пет месеци во кои секој здив тежи. Пет месеци во кои спомените се мојата единствена сила. Андреј, сине на мајка, ти си во секоја моја мисла, во секој поглед, во секој мој здив. Знај, сине, никогаш нема да бидеш заборавен. Сите твои и мои роднини, другари и пријатели се мојата сила и поддршка. И утре, како и секогаш, ќе бидат покрај мене на Маршот на ангелите — затоа што знаат дека правдата сама од себе не доаѓа… Но, синко мој, реалностa, за жал, е сосем друга. Очигледно мора секоја сабота да потсетуваме дека сте постоеле, дека болите, и дека ние, родителите, никогаш нема да замолчиме — колку и да се надеваат некои. Затоа, ако имате слободен еден час, а мислите дека трагедиите не се ваша работа — тогаш, слободно, останете дома. Но, ако во вас има трошка емпатија и болка, како што велите, тогаш покажете — и придружете ни се“

Панова додаде дека љубовта и вистината „не можат да се купат, заборават или замолчат“ и порача дека родителите нема да се откажат од борбата за правда за своите деца и побезбедна иднина за сите.

Здружението на родителите и роднините на загинатите упати јасна порака: „Да чекориме заедно со љубов и чест кон нашите деца, обединети во маршот за правда – за никогаш да не се повтори.“

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close