Да ги испратиме достоинствено

Во пресрет на нивното испраќање до вечните почивалишта, Владата вчера донесе неколку заклучоци – државните институции се задолжени да препорачаат на локалната самоуправа и работодавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа вработените на подрачјето на Кочани, а здравствените, образовните установи и градинките да организираат вршење на услуги согласно потребите. МВР е задолжено да ги преземе потребни безбедносни и сообраќајни мерки, а Министерството за здравство, во соработка со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица на Кочани – да преземат мерки согласно со нивната надлежност.

Фотографија: Visar Kryeziu/AP/dpa/picture alliance
Фотографија: Visar Kryeziu/AP/dpa/picture alliance

„И претходниве денови како ништо да не работеше. На никого до ништо не му беше. Се слушаа само звуци на амбулантни возила. Знам дека тимови за психолошка поддршка работеа со наставниците и учениците. Многу семејства се зацрнија, многу деца изгубија другарчиња, и ним им е тешко да се соочат со тоа. На никого во овој град не му е лесно“, вели жител на Кочани, додека врзува црна лента на цветен венец.

Етичко известување

Протоколите со безбедносни и сообраќајни мерки, како и медиумските насоки за етичко известување, ќе придонесат денешното испраќање на жртвите да биде достоинствено и со почит кон приватноста на нивните семејствата.

Владата во координација со МВР и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изготвија протокол за безбедност при известување од денешниот погреб на жртвите. Медиумскиот протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, а истовремено да овозможи новинарите и снимателите да ги извршуваат нивните обврски од соодветна дистанца.

Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, ЗНМ и ССНМ ги повикаа сите новинари и медиуми да се придржуваат кон етичките принципи: Почитување на личната болка и достоинството – да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите; Избегнување сензационализам – известувањето да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа; Објавување на проверени информации; Зачувување на баланс и непристрасност -да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност.

Забрането снимање со дронови во 8 општини

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изрази голема благодарност до граѓаните за достоинственото оддавање почит на жртвите на собирите кои се одржаа во голем број градови.

„Ова покажа дека како општество знаеме да ја споделиме болката со почит и солидарност. Во вакви трагични моменти, гневот и болката се оправдани, но морам да напоменам да внимаваме тие да не бидат инструментализирани. Одговорноста за оваа трагедија ќе ја бараме преку институционални процеси, а не преку сценарија кои можат да ја продлабочат кризата и да нѐ оддалечат од вистината“, рече министерот.

Тој потенцираше дека ќе има целосна одговорност за случајот.

„Клучно е таа да дојде преку институционални и правни механизми, а не преку емоции кои определени структури можеби би сакале да ги искористат во насока која не ѝ служи ниту на вистината ниту на најблиските на жртвите”, дециден беше Тошковски.

МВР вчера попладне информираше дека Агенцијата за цивилно воздухопловство забрани вршење какви било операции со дронови на територијата на неколку општини, населени места и локации. Посочуваат дека летањето дронови во забранетите зони е основа за поведување постапка за санкционирање согласно со Законот за воздухопловство.

Забраната важи практично за сите места каде денеска ќе бидат погребани жртвите од трагедијата: во Кочани, вклучително и селата Оризари, Тркање и Зрновци, Виница и селото Митец, Општината Чешиново-Облешево вклучително и селата Соколарци и Чифлик, потоа во Штип, Струмица, Пробиштип и Македонска Каменица со околните места, како и во Скопје, вклучително и гробиштата во Бутел, Ѓорче Петров, во Горно Лисиче и Горно Нерези.(dw)

Back to top button
Close