Да градиме мостови

Денес во Храмот на Свети Сава во Белград се одржи литургијата на помирувањето меѓу Српската и Македонската православна црква. Ова историјска литургија ја предводил српскиот патријарх Порфирије и архиепископ охридски и македонски Стефан. Ова е финализација на подолг процес на преговорите меѓу представниците на двете цркви, а резултатот беше објавен во понеделник, на 16 мај, кога Светиот архиерејски синод на Српската правнославна црква одлучи да го признае и воспостави дијалогот со Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Синодот го поздравил прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, кој е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност. Тоа ќе овозможи дијалог за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија, кој не само што е можен, туку и наменски, легитимен и реален. Она што е важно во одлуката е дека во дијалогот за нивниот иден, а можеби и конечен канонски статус, ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички “, „геополитички“, „црковно-политички“ и други дадени или за еднострани иницијативи и не подлежат на ничие влијание или притисок. Конечно, Синодот одлучи дека нема намера да ја условува сестринската црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората по решавањето на нејзиниот статус, со негова препорака да се реши прашањето за нејзиното официјално име во директен братски дијалог со другите православни цркви. Личноста на која му го должиме овој гест е пред сите патријархот Порфирије.

Патријархот Порфирије го познавам лично од нашата средба во октомври 2020. година во просториите на Српската православна општина во Загреб, во времето кога тој сè уште беше само митрополит Загребско-Љубљански на Српската православна црква. Го запознав кога бев кандидат за Комисијата за човекови права и права на националните малцинства на Хрватскиот Сабор. Повеќе хрватските невладини организации за човекови права ја поддржаа мојата кандидатура, но исто така сакав да воспоставам дијалог со малцинствата во Хрватска, вклучувајки и верските малцинства, за да ги продискутираме проблемите со кои се соочуваат. Конкретно сакав да воспоставиме дијалог меѓу Македонската и Српската православна црква. Освен опширната дискусија за помирувањето меѓу Србите и Хрватите, каде што сметам дека патријархот Порфирије е вистинската личност за да биде еден од лидерите во процесот, едно од прашањата кои му го поставив тогаш во октомври 2020. година беше прашањето за статусот на Македонската православна црква. Тој ми одговори со оптимизам дека ова прашање може релативно лесно да се реши со малку добра волја. Знаев дека тој е слободоумен човек, но сепак ме изненади неговата отвореност и фактот што без двоумење ја поддржа мојата кандидатура, иако јас не само што не припаѓав на неговата црква, туку сум член на малцинство во Хрватска чија црква се спори со Српската православна црква околу статусот. Она што беше најинтересно е како го направи тоа – не напиша посебно писмо за поддршка, туку го потпиша официјалното писмо на Македонската православна црква, подготвено од нашиот свештеник во Загреб протојереј-ставрофор Кирко Велински на 29. октомври 2020. година во Загреб. Ова беше веројатно првпат верски службеник на Српската православна црква да потпише писмо со меморандум на Македонската православна црква, и покрај тоа што црквата во која Неговата Светост Порфирије дејствуваше како митрополит не ја признаваше Македонската православна црква. Јасно е дека овој гест и новата одлука на синодот на Српската православна црква за признавање на Македонската православна црква ја покажува човечката големина на Порфирије, која ги надминува „реалполитичките“, „геополитичките“ и „црковните политички“ грижи.

Дополнително, оваа одлука ги надминува односите меѓу Српската и Македонската православна црква и испраќа важна порака за мир во светот. Тоа доаѓа во време кога е особено потребно единство во православниот свет – во време кога, за жал, два православни народи – Русите и Украјинците – се во војна меѓу себе. Се молиме и сакаме што поскоро да се воспостави мир меѓу нив и да се изградат нови мостови на помирување како што беа изградени во Хрватска меѓу Србите и Хрватите – двата христијанска народа кои воделе бесмислена братоубиствена војна – како што водат Русите и Украјинците денес. За жал, како што тогаш Српската православна црква во Србија и Католичката црква во Хрватска граделе меѓурелигијска и меѓуетничка омраза оправдавајќи ја војната, така и денес Руската православната црква ја аминувала војната интервенција во Украјина. Српската православна црква со партијархот Порфирије доживува големи промени и се покажува дека не е повеќе слепо врзана за Руската православна црква, напротив, патријархот Порфирије ја отвори вратата на својата црква за да прифаќа бегалците од Украјина. 

Секој придонес за меѓурелигијски и меѓуетнички мир и помирување е камен за уште еден мост што треба да се изгради. Најважно е да продолжиме да ги собираме камените и да ги градиме мостовите – за да се поврзаме, а не да се делиме. Парадоксално, ама вистината е дека овозможување на другите да бидат независни е предуслов за да се поврзаме со нив. Како што убаво Српската православна црква објави со оваа одлука дека е постигнато „единство“ со Македонската православна црква.

Проф. д-р. Александар Маршавелски

Правен факултет

Универзитет во Загреб

 

 

Back to top button
Close