Да побрзаме: Единството на ЕУ ќе стане поважно од проширувањето

Денко Малески

Генерално, новата светска геополитика е многу неповолна за малите држави. Светот денес повеќе личи на времето од Јалта, кога, на крајот од Втората светска војна Рузвелт, Сталин и Черчил,„ со бурбон и кубански цигари“, ги исцртаа „сферите на влијание“на големите сили, отколку на демократските собири на КЕБС од седумдесеттите и осумдесеттите, со кои доминираше начелото за неповредливоста на границите на државите, биле тие големи или мали. Американската ера, која, сега знаеме, беше исклучок во историјата на меѓународната политика, заврши и почнува ново-старата: ерата на вечниот ривалитет помеѓу големи сили. Тоа е свет во кој е „дозволено“ Русија да освои делови од Украина и да не се смири додека остатокот од државата не стане неутрална зона, а Америка да употреби сила против сојузникот Данска за освојување на најголемиот остров на светот Гренланд, прогласен за неопходен за американската безбедност.
Денес, дебатата со кого да одиме, со Европа или со Америка е беспредметна. Лоцирана во Европа, Северна Македонија, вушност нема друг избор освен да ја дели судбината на својот континет. Со Америка можеше безрезервно да се биде кога и Европа беше со Америка и кога целиот свет беше под доминација на единствената супер сила, од некаде 1990 до 2014 кога Русија го окупира Крим. Тоа се времиња кога благодарејќи на поддршката на Вашингтон кој заедно со Брисел одлучи, на Конференцијата за Југославија, административните граници на поранешните југословенски републики да станат новите меѓународни граници, Македонија ја стекна својата независност. Но, промената е основната карактеристика на меѓународните односи, па драматичните случувања во светската политика ја фатија нашата држава неспремна. Имено, таа не само што не успеа, во изминатиов период од 35 години, да стане членка на ЕУ, туку, барајќи гаранции какви што не постојат во меѓународните односи, не може да го продолжи започнатиот процес на преговори за членство.
Во меѓувреме, со промената на американската политика, и самиот европски сојуз кон кој се стремиме, западна во криза. Кризата ја предизвика фактот дека Америка, главниот безбедносен гарантор на континентот еве веќе 80 години, одбива и натаму да се грижи за европската безбедност. Среде прокси-војната во Украина, европските држави денес мораат да ја најдат формулата како да прозборат со еден глас во меѓународната и во безбедносната политика. Задачатаа е толку тешка што од мнозина е наречена „невозможна мисија“. Затоа, во месеците и годините кои се пред нас, главната задача на европските држави ќе биде како да се надмине кризата во Унијата. И додека европските држави мислат како да направат заедничка армија, времето, одново, нема да „работи“ за нас. Единството на сојузот ќе добие примат каков што не постоел до сега. Тоа ја зајакнува позицијата на државата-членка со која имаме спор, Бугарија, и сосема ги стеснува замислениет опции на новата македонска власт, за репреговарање, или модифицирање на „францускиот предлог“, усогласениот пат за преговори со Македонија од страна на сите 27 држави. Нема сомнение дека, во контекст на руската агресија врз Украина и потребата од безедносно заокружување на Континетот со Западниот Балкан, ќе расне и вредноста на потенцијалните кандидати за членство, но секогаш единството на сојузот ќе има примат. Во крајна инстанца, тоа значи, согласност на парламентот на Бугарија за наше членство во ЕУ. Затоа, македонската политика мора сериозно да размисли како натаму. Како да ја искористи „зголемената побарувачка на нови членки“ ама без да го наруши единството на сојузот со поставување нови услови. За жал, колку и да мисли, па и да заклучи дека згрешила, нема начин како власта на народот,кој масовно ја поддржа на избори против „францускиот предлог“, да му каже дека нема друг пат освен враќање на „францускиот предлог“. Цената на грешката ќе мора да се плати, макар била само во загубено време. Ако не може поинаку, нека биде само толку, зашто такви грешки можат да ја чинат државата и многу поскапо.

Back to top button
Close