Да се биде или да се исчезне- Хамлетовско прашање на Македонија  

Почитувани читатели, со доаѓањето на господинот Трамп на челната позиција на САД, многу нешта на коишто светската заедница почиваше, почитувајќи го меѓународното право меѓу државите, почнаа да се распаѓаат.

Сведоци сме на тоа, на каков начин САД го реши својот интерес кон Венецуела. Киднапиран е првиот човек на Венецуела, господинот Мадуро и САД постави свој претседател. Последователно, американската економија влезе во еден процес на забрзан раст, посебно во нафтената индустрија.

Вториот случај е состојбата со Гренланд. Господинот Трамп едноставно одлучи да го припои, што би рекле Србите ,,милом или силом”.

Жално е што ваквите потези на господинот Трамп имаат далекусежни последици за целата светска заедница, внесувајќи немир кај граѓаните по прашањето за нивната иднина.

И нашата Македонија не е исклучена од таквата светска халуцинација. Алудирам на поимот халуцинација од причина што пред една година сметавме дека светскиот меѓудржавен поредок е непроменлив и не ни е верно дека е возможно. Денес сме свесни дека во светот сѐ е можно, па и промени на меѓу државните граници.

Нашите соседи интензивно работат на случајот, особено Бугарија, Србија, Косово, до некаде и Албанија, во разнебитувањето на нашата држава. Убеден сум дека и Грција е свесна за нештата во Македонија, но мудро молчи.

 

Индикации стасуваат од сите страни.

Албанците во Македонија, во многу мал процент, ја чувствуваат нашата држава како нивна држава. Ваквиот став на Албанците е разбирлив бидејќи во нашето соседство постојат две албански држави со моќно влијание во нашата земја.

Соседна Србија, изминативе неколку месеци, почна да се однесува арогантно кон нашата земја, нарекувајќи ја банана држава. Таквиот недоличен вокабулар може да ги влоши, добрососетските односи меѓу Македонија и Србија.

Деновиве разбрав од јавноста дека се формира нова српска партија во Република Македонија која исклучиво ќе биде посветена на српското малцинство во Македонија и нивниот просперитет како Срби. Убеден сум дека зад оваа партија стои српската држава.

Од соседна Бугарија одекна информацијата од госпоѓата Малинка Велкова, меѓународен аналитичар, која обзнани дека во Македонија живеат повеќе од 300 илјади Бугари и дека бугарската популација е мнозинство во однос на Македонците во Македонија! Згора на тоа, бара Бугарите да бидат носители на иднината на нашата татковина.

Големите светски сили се наоѓаат во еден казан на неизвесност, каде се готви недоверба на големо. Интересите на големите сили, посебно на ЕУ, ставени се на отстрел, поради еден навидум ступиден сојуз меѓу САД и Руската Федерација, поврзан со прашањето на Гренланд, при што ЕУ заедницата и кралството Данска се директно нападнати.

Во моментов за водечките држави на ЕУ, Балканот, како нивен заеднички интерес, ставен е на маргини. Сѐ повеќе се дозволува да расте потребата за расчеречување на Македонија меѓу нашите соседи. Суровата историја за распарчување на Македонија како да се повторува. Еднаш ја преживеве, за време на Балканските војни на почетокот од минатиот век, да не дозволиме да ни се повтори.

Господинот Трамп покажува посебен пиетет кон одредени држави во Европа, кои ги смета за свои сојузници. Државите Албанија и Косово беа поканети од страна на господинот Трамп да бидат соствен дел од комисијата која ќе раководи со палестинскиот предел Газа.

Почитувани читатели, нашава татковина минува низ мошне сложен и сериозен период! За нас Македонците веќе е Хамлетовското прашање „да се биде или не”. Повеќе од јасно е дека светските велесили, ако се договорат за наше бришење од светската мапа, тоа ќе се случи без наше знаење. Нашите соседи веќе на големо се подготвуваат за вакво сценарио.

Што треба да направиме да не го доживееме ова самубиство, убиство на нашата држава и Македонците.

Порака до сите водечки личности во Република Македонија: Претседателот Гордана Дафкова Сиљановска, Премиерот Мицковски, Претседателот на Собранието Гаши и сите лидери на политичките партии, дозволете да ви се приклучи тим на искусни, мудри и чесни луѓе кои ќе ви помогнат за опстојувањето на државата и нацијата.

Нашиот опстанок зависи исклучиво од нас. Нашата дипломатија, во дадениов момент,треба да има врвни, стручни и образовани кадри кои ќе бидат доволно искусни и остроумни да не дозволат вакво сценарио. Се плашам дека доцниме и дека пропуштеното и драгоцено време за добра надворешна дипломатија и политика, кои вешто умеат да водат добри стратегии за заштита на својата држава, веќе нѐ уназади. Да не дозволиме крвавата историја да ни се повтори.

Да не дозволиме Македонија да биде меѓу туѓи интереси и сопствената неспособност.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close