Да се биде во ЕУ и без ЕУ-членство?

„Приемот на нови држави во ЕУ не е реалистичен. Меѓутоа има идеи за кооперација со соседите која би  била од полза за сите учесници“, напиша  минатата недела  Михаел Мартенс, дописникот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за Југоисточна Европа. Речиси една година порано, во јули 2021-тата,  дијагнозата  на еден друг познавач на ЕУ беше уште подрастична. За Андреас Ернст, дописникот за Балканот на весникот „Ноје цирхер цајтунг“, „проширувањето на ЕУ на Балканот е мртво. Никој повеќе не верува во него. Меѓутоа, има алтернативи”, напиша тој. И за Душан Рељиќ од германската Фондација  за наука и политика, проширувањето на ЕУ  кон Западен Балкан „веќе стана тажна приказна.Тоа трае толку долго,  што  навистина е  изгубена довербата не само во ЕУ, туку и во владите во овој регион.”
Дијагнозава не  ги изненадува  македонските граѓани, иако таа е причината за се‘ поголемата недоверба во ЕУ, но и за нивната длабока разочараност од македонските политичари.

А само пред пет години, 2017-тата, една студија на универзитетот  Санкт Гален, која разгледуваше неколку аспекти од  приемот во ЕУ, покажа дека само еден  кандидат од Западниот Балкан до 2023 ќе ги исполни  критериумите за прием: Македонија! Притоа не биле земени во предвид елементите како застој во  проширувањето  во самата ЕУ,  политичката нестабилност во земјите-кандидати или спорот за името меѓу Грција и Македонија. Врз основа на искуствата од проширувањето на ЕУ кон Источна Европа во 2004-та, било анализирано колку е веројатно Србија,  Црна Гора, Македонија, Албанија и Турција  да бидат членки на ЕУ во 2050-та. Според Тина Фрајбург, раководителка на истражувањето, Србија, Црна Гора и Турција ќе ги оствареле критериумите за прием дури до 2030. Најдобрите шанси  ги имала Македонија,  а  во слична состојба била и Црна Гора.

Кица Колбе, авторка на колумнатаКица Колбе, авторка на колумната

Денес ЕУ смета за сите земји од  Западен Балкан  дека нивниот  прием не е веројатен пред 2030-та, а некои ја спомнуваа и 2035-та. Од друга страна, војната во Украина  го прошири бројот на земјите кои, од страв пред руската агресија,  би сакале веднаш да бидат примени во ЕУ. Урсула фон дер Лајен деновиве ги тешеше Украинците, велејќи им, „вие припаѓате кај нас”. Само пред неколку месеци таа  ги тешеше на истиот начин и земјите од Западниот Балкан. Велеше дека  нивниот прием  не бил само интерес на ЕУ, туку и заедничка „судбина”. Младите во Западниот Балкан „го сонувале европскиот сон”.

Во случајот на Македонија, кон бавното темпо на ЕУ се придружија и ирационалните барања на Бугарија. Македонија, всушност,  ги демаскира сите  ветувања на ЕУ дека ќе бидат наградени  тие  кои принесуваат најголеми жртви на патот кон ЕУ.  Откако таа го смени името, неколку месеци  ЕУ   ја фалеше како блескав пример во европската политика. Но половина година подоцна, Франција  настапи со вето за  „најдобриот ученик”. Подоцна дојде и бугарското вето. Барањата поврзани со него се  ултиматум кој никако не би требало да се толерира во ЕУ, затоа што противречи не само на нејзините основни принципи, туку и на  демократскиот европски етос. Тоа што бугарското вето, сепак, се толерира, е симптом за кризата во самата ЕУ, која се појави по приемот на  земјите од поранешниот Варшавски сојуз. Со нив во голема мера се промени  дотогаш познатиот „дух” на ЕУ. Ако нејзините визионери  веруваа дека со европското обединување ќе се надмине национализмот од 19-от век, за Унгарија, Полска и Бугарија ЕУ беше само   можност слободно да ја пројават својата национална гордост, која во старите ЕУ држави   се нарекува  екстремен национализам. Тоа  јасно се покажа во полемиката која настана меѓу   новите и старите членки на ЕУ  за „Музејот на Европа” во Брисел. Стана јасно дека земјите како Унгарија или Полска  во ЕУ  барале заштита на нивната национална идеологија која била загрозена  во Варшавскиот сојуз. Токму ветото на Бугарија за Македонија остава впечаток дека ЕУ не е кадарна да ги заштити своите вредности, но и својата темелна визија на европското обединување. Таа сознава се‘ појасно дека земјите од Варшавскиот сојуз  ја избраа ЕУ од страв  да не станат повторно плен на рускиот империјализам. Од истиот страв сега  не само Украина, туку и Грузија и Молдавија бараат прием во ЕУ.

Nordmazedonien und EU

Повеќе од авторката: „Обработка на минатото“: Траумата на Македонците и табуто на Бугарите

Од друга страна, предолгата затвореност во „чекалницата” на  ЕУ   прави и земјите  од Западниот Балкан  да регресираат во автократија и национализам. Ако порано  ЕУ-перспективата влеваше надеж дека не само членството, туку и пристапниот процес ги преобразува  општествата, денес речиси никој  на Балканот не верува во тоа. Најмалку во земјите-членки на ЕУ, во кои продолжи да цути корупцијата кај политичката елита, изостанаа реформите, а балканскиот менталитет не се преобрази во европски. Младите си заминуваат на Западот не само од Македонија, туку и од Бугарија и Хрватска. Тие бегаат од тој реакционерен и анахрон дух, чиј плод е и бугарското вето.

Михаел Мартенс истакнува дека губењето  доверба во пристапниот процес како преобразувачка сила  има врска со недовербата во самиот процес. Тоа, пак, потекнувало од  фактот што има значајни  аргументи против приемот на нови членки. Пред две децении  во ЕУ не било ретко уверувањето дека ќе и‘ појде нeкако од рака да ги реформира своите механизми на носење одлуки. ЕУ верувала дека особено во надворешната политика ќе може да го надмине блокирачкиот принцип на едногласност, пишува Мартенс. Во таа смисла, разочарувањето од ЕУ на секоја земја-кандидат е програмирано. Меѓутоа, тој  потсетува дека, за земјите кои чекаат на прием, има  други разумни можности да соработуваат успешно со ЕУ и без полноправно членство. „Секој што на Балканот ги познава стопанските кругови, сознава дека  кај нив идејата за  полноправно членство  е одамна отпишана. Фокусот е врз други решенија. Пред се‘, врз европскиот трговски простор со неговите четири столба – слободниот проток на луѓе, стоки, капитал и услуги. Пристапот кон овие привилегии  за Западниот Балкан, каде што живеат само половина од населението  на Полска, би имал гигантски ефекти. За луѓето и за претпријатијата во секојдневието би било исто како кога би  живееле и  делувале  во ЕУ. Истовремено, тоа не  би ја товарело ЕУ политички, затоа што балканските држави би имале целосно стопанско учество, но   не би имале   свои комесари  и право на вето  во Брисел – патем, слично на  Норвешка и Исланд, кои припаѓаат во стопанскиот простор, но не и  во ЕУ“, образложува Михаел Мартенс.

Малку е веројатно дека Бугарија брзо ќе го повлече ветото, затоа што националистичката државна идеологија, од која тоа произлезе,  најнапред треба да се надмине низ демократски реформи во самата Бугарија. Тој процес сигурно ќе трае долго, бидејќи таа идеологија е во  темелите на бугарската држава  подолго  од еден век. Тешко може да се очекува дека ЕУ брзо ќе најде можност да спроведе темелни реформи  кои би го укинале правото на вето. Од друга страна. кога би се прифатиле сите барања на Бугарија, Македонците би го изгубиле своето достоинство и својата самодоверба. Затоа ми се чини дека е полезно да се размислува за сите можности кои ЕУ ги нуди во својата европска соседска политика, која ја препорачува и Мартенс, но, во одредени кризи во ЕУ во минатото, ја препорачуваа и други познавачи на европското обединување.  Време е, Македонија од ЕУ да побара јасни алтернативни патишта, таа  да биде цврсто вклучена во нејзиниот  стопански простор. Тогаш напредокот на Македонија во едно такво многустрано партнерство би создал услови во земјата за промена на свеста, на вредностите и на однесувањето на политичарите. Тие, едноставно не би имале повеќе алиби во нефлексибилноста на ЕУ за прием на нови членки, зад која успешно и тие три децении  ја кријат својата неподготвеност за вистински реформи.

Кица Колбе.

извор: ДВ

Back to top button
Close