Да се гласа или не, прашање е отсекогаш!

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

Според теоријата на рационалноста, одговорот е едноставен: одлуката за гласање се темели врз проценката дали користа од гласањето ја надминува штетата од негласање?

За оваа теорија се напишани тони книги и илјадници анализи, но клучните аргументи за негласање – доколку процесот е демократски, се разбира – е ставот дека, на масовни избори на кои учествуваат стотици илјади или милиони граѓани со право на глас, гласачот може да се посомнева дека неговиот ЕДЕН глас може суштински да влијае на конечниот резултат.

Иако, формално, шансата токму вашиот глас да ги реши изборите е инфинитивно помала дури и од шансата да ви падне саксија на глава додека одите на гласачкото место – гласањето е, сепак, демократска норма произлезена од прашањето за припадност или желба за припадност кон одреден слој во општеството, за да се сочува или освои одреден општествен статус. Тоа ви е како дилемата дали да аплаудирате на крајот на некоја оперска изведба: многу луѓе го прават тоа од искрено задоволство, но не се помалку оние кои се изложуваат на таа неколкучасовна театрална, костимирана извештаченост само за таму „да видат и да бидат видени“, па аплаузот на крајот им се подразбира.

Впрочем, доколку прашате кој било македонски граѓанин дали е демократ по своите уверувања, дури и локалниве фашисти ќе ви се заколнат дека и нивната омраза е демократско право! Па, ако во демократијата гласањето е загарантиран облик за учество во изборот на оние што ќе владеат, секој сака да биде препознаен како демократ, а гласањето ја потврдува таа општествена „легитимација“, но и чувството за, некакво, лично достоинство. Ако не гласаш, не ја ни заслужуваш демократијата, а со последиците мораш самиот да живееш потоа.

Гласањето, всушност, е единственото ненасилно средство за какво-такво влијание во политиката.

Иако многумина и не разбираат дека, да се биде демократ не е само прашање на јавен прч, бидејќи подразбира да се однесуваш демократски и кога губиш, а и кога „никој не те гледа“ – на пример, во анонимноста на социјалните мрежи или со секојдневното однесување кон другите членови во семејството. Демократијата не е како, во зимо, да се измочаш во чоени пантолони, па да ти е топло, а никој да не забележи дека си направил беља.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.

Back to top button
Close