Да се обеси херојот од војната?

Денко Малески

Тој ден, непосредно после руската инвазија на Украина од 22 февруари 2022, во минијатурната саатчилница,во центарот на Скопје, сопственикот, Игант ако не се лажам, ми ја раскажува случката со некој Украинец кој наминал. „Володимир Зеленски треба да се обеси “, коментирал сонародникот на украинскиот претседател. Да се обеси херојот кој со изјавата дека не му треба авионска карта туку оружје да им се спротистави на Русите, ги освои симпатиите на светското јавно мислење? Не помина многу време, разбра и светот она што го знаеше Украинецот : Зеленски, кој победи на изборите со програма за преговори и мир со Русите, направи сојуз со екстремните националисти и им објави војна на Русите од Донбас. Скриена од зпадните медиуми, следеше неколкугодишна граѓанска војна во Донбас, која Москва се обиде да ја заврши мирољубиво, потпишувајќи ги договорите Минск 1 и Минск 2. Но мировните договори беа изиграни од страна на гаранторите Франција и Германија: тоа беше само за да купиме време за натамошно вооружување на Украина, ќе изјави Ангела Меркел. Така продолжи милитаризацијата на земјата од страна на Америка и сојузниците, а продолжија и подготовките за идното членство на Украина во НАТО.

Ниту една голема сила во историјата, од Тукидид па до денес, нема мирно да седи и да гледа како другата голема сила инсталира воени ефективи на нејзините граници. Во анархичниот свет на меѓународната политика во кој секој се грижи за себе и нама централна власт да ти помогне ако си во неволја, реакцијата да се балансира моќта на соперничката голема сила е еден вид закон на политичката физика. Така, она што Западот го гледаше како бенигно ширење на демократијата во Источна Европа, Русија го гледаше како обид да се опколи нејзината земја и таквата политика ја прогласи за „егзистенционална закана“. Имаше гласови на разум и во Америка кои ги разбираа легитимните руски грижи за сопствената безбедност. Меѓу првите кои го кренаа гласот против приближувањето на Америка до границите на Русија беа Џорџ Кенан, идејниот творец на политиката на ограничување на моќта на СССР во времето на Студената војна, Вилијам Пери, министерот за одбрана на САД, Џин Киркпатрик, претставничката на Америка во ОН, кои укажаа на опасниот курс на американската политика која ќе доведе до конфликт со ривалската нуклеарна сила. Но, понесени од еуфоријата на победници во Студената војна, американските политичари поверуваа дека Русија ќе остане вечно слаба, па дури и дека процесот на распаѓање на СССР може да продолжи. Според Збигњев Бжежински, советник за национална безбедност на Џими Картер, притисокот од Запад ќе ја разбие земјата на Европска, Азијска и Сибирска Русија.

Украина беше поттикната да влезе во војна за остварувањето и на ваквите планови на една голема сила против другата. Со ветување дека Западот им го чуваат грбот, украинските војници беа пратени во една нерамна битка во која загинаа или се тешко ранети некаде помеѓу милион и милион и седумстотини илјади млади луѓе. Загубите во луѓе, од распаѓањето на СССР до денес, се од епски размери. Статистиката покажува дека во 1991 Украина имала 57 милиони луѓе, а денес 20 милиони. Од вчера ја следам судбината на украинските војски под опсада од руските војски во два града: Покровск, во кој се опколени 5,500 украински војници и Крупијанск, 5000. Дали е ова почеток на крајот на една многу специфична војна, војна на исцрпување, војна без спектакуларни продори од типот на оние во Сталинград или на островот Иво Џима од Втората светска војна. Руските сили го стегаат обрачот околу украинските војски, најавувајќи го финалето на една трагедија која може да заврши сега, после зимата или за една година, прогнозираат воените аналитичари. На Русите не им се брза. Но, оваа трагедија која можеше да биде избегната ако во 2014, кога Русите го завзедоа Крим, Америка и западните сојузници се освестеа дека преку УКраина се играат со нуклеарна војна и ако ја ревидираа одлуката од Букурешт, кога во 2008 ја посочија Украина како идна членка на НАТО. Но, наместо тоа, Западот го засили притисокот врз Русија, во очекување дека соперничката голема сила ќе колабира под синхронизираниот налет на од НАТО обучената украинска војска и економските санкции од размери досега невидени во меѓународните односи.Но, тоа не се случи.

Се случи ова. Новата американска админстрација се изјасни за мир, додека европските политичари за продолжување на војната. Америкаците се однесуваат како некој кој влегол во коцкарница, ја загубиул сумата која ја одвоил за коцка и се повлекува од играта. Европските политичари, пак, се однесуваат како оние коцкари кои не знаат да престанат да се коцкаат и се спремни да вложат се што имаат , па дури и иднината на своите деца, коментираше некој деновиве. И додека Зеленски изјавува дека Украинците продолжуваат да ги уништуваат окупаторите, во подготовка е тајна средба на европските сојузници за помош на Украина на 4 ноември во Шпанија, а Урсула фон дер Лајен повикува на одбрана на европските вредности. А човечките животи на храбрите Украинци, тие не се европски вредности?

 

Back to top button
Close